| четврток, 6 декември 2018 |

Итно донесување на закони за зголемување на платите на административците и укинување на радиодифузната такса, побара ВМРО ДПМНЕ

Преку поднесување предлог-закони по скратена постапка, ВМРО ДПМНЕ ќе бара зголемување на платите на администрацијата за 5 отсто и измени на Законот за медиуми со цел укинување на радиодифузната такса, информираше денеска пратеникот Илија Димовски на прес-конференција во Собранието.

-Зголемување на платите на администрацијата вети СДСМ, но тоа е и наше изборно ветување. Бараме овој закон да се донесе итно за да може платите на администрацијата да се зголемат за 5 отсто од јануари 2018. Сметаме дека има средства во буџетот и оваа решение може да се реализира. Што се однесува до медимуите, ова е истиот закон што СДСМ го поднесе и со него сакаме да ги потсетиме дека ветија пред граѓаните дека штом ќе дојдат на власт веднаш ќе се укине радиоифузната такса. Ќе бараме законите уште денеска да се најдат на седница и да се отвори дискусија по нив – рече Димовски.

Пратеникот Димовски уште еднаш ги повика СДСМ да бидат отворени и транспарентни, како што рече, навремено да ги информираат пратениците за потезите што ги влече Владата. Како пример го наведе Договорот за добрососедски односи, кој според него треба да биде доставен до пратениците и разгледан на посебна затворена комисиска седница. Исто така, побара да се образложи и планот  „369“ што го усвоила Владата за реформи во повеќе области.

-Можеби ова што го прават е почетна грешка, збунетост, но во иднина нема да дозволиме ваков однос. Повторувам, ние нема да бидеме кооперативни, само да ги покриваме нивните грешки. Ако сакаат инклузивност, треба да подадат рака и со консензус да се носат одлуки кои се однесуваат на иднината на нашата држава- додаде Димовски.

Пратеникот Димовски најави дека наскоро ќе има реална форма на организирање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, без да образложи детали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top