| четврток, 6 декември 2018 |

Давитков го објави списокот, нов обид за враќање на Антиќ и Мекејлеб во репрезентацијата

Македонскиот селектор Јорданчо Давитков го објави поширокиот список од 24 кошаркари, во пресрет на претквалификациите за СП 2019 во кои нашиот национален тим ќе се сретне со Естонија и со Косово.

На поширокиот список се најдоа и поранешниот капитен Перо Антиќ, како и плејмејкерот Лестер Бо Мекејлеб, за кои е неизвесно дали би се појавиле на првата прозивка, или пак ќе бидат избришани при првото кратење на списокот. Селекторот Давитков на списокот не ги стави Дамјан Стојановски и Андре Магдевски кои не можат да одговорат на репрезентативните обврски поради повреди.

– На списокот ги ставив оние играчи кои се здрави и кои би можеле да ни помогнат. За жал, тоа не е случај со Дамјан Стојановски и со Магдевски, кои се повредени и поради тоа нема да бидат во комбинација за овие претквалификации – изјави Јорданчо Давитков.

Селекторот барем засега не открива дали разговарал со Антиќ и каков бил епилогот, со оглед на добро познатото непријателство на екс-капитенот со актуелниот претседател на федерацијата, Петар Наумоски. Само за потсетување, Антиќ се најде и на списокот на екс-селекторот Раца, но не се појави на тие подготовки, поради што беше пријавен во ФИБА од страна на МКФ.

Првиот собир на Давитков, заедно со неговите стручни соработници Александар Јончевски и Љупчо Малинков е закажан за утре (21. јуни, 2017 година) во ВИП арената со почеток во 19:00 часот.

Според планот на подготовки, сениорите ќе тренираат во Скопје сe до 3. јули кога привремено ќе се преселат во Маврово. По 8. јули, сениорите повторно се враќаат во Скопје каде ќе одиграат неколку пријателски натпревари.

На 10. и на 11. јули, репрезентацијата на Македонија ќе си ги одмери силите против соодветната селекција на Словачка, на гостински терен. На 15. јули Македонија ќе ја нагости Бугарија во Скопје. Потоа следи турнирот „Трофеј Македонија“ кој ќе се одржи во Скопје. На 20. јули македонската репрезентација ќе се надигрува со Португалија, ден подоцна против Холандија, а турнирот ќе биде затворен со натпревар против Босна и Херцеговина. Последен пријателски натпревар на нашите најдобри репрезентативци во рамки на подготвителниот период ќе биде на 28. јули во Бугарија.

Конечен список на играчи пријавени во ФИБА:

1. Војдан Стојановски
2. Горјан Марковски
3. Бојан Трајковски
4. Александар Костоски
5. Марко Симоновски
6. Кирил Николовски
7. Бојан Крстевски
8. Марјан Јанески
9. Перо Антиќ
10. Стојан Ѓуроски
11. Игор Пенов
12. Владимир Брчков
13. Ненад Димитријевиќ
14. Бобан Стајиќ
15. Љубомир Младеновски
16. Кристијан Николов
17. Адем Мекиќ
18. Александар Штерјов
19. Предраг Пајиќ
20. Андреј Маслинко
21. Ѓорѓи Чековски
22. Михајло Митев
23. Џордан Теодор
24. Лестер Бо Мекејлеб

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top