Џиџи Буфон бил напаѓач додека не го видел најдобриот африкански голман на сите времиња. Ако вечерва ја освои Лигата на шампионите, би можел да стане прв голман по Лав Јашин, кој ја освоил Златната топка.
Светското првенство во Италија во 1990 година сите гледаа што ќе направат Диего Марадона, Роже Мила, Клаудио Каниџа, Гери Линекер, Роберто Баџо…
Сите освен 12-годишното дете во син дрес од Италија. Него тие не го интересираа од моментот кога го видел Томас Н’Коно, најдобриот африкански голман на сите времиња.
-Сите зборуваа само за Марадона и Линекер, но Н’Коно ме воодушеви. Тоа што го направи со Камерун во Италија ме мотивираше да станам голман, изјави Џиџи Буфон, кој во младинските тимови играл напаѓач.
Камерун во 1990 година помина во четвртфиналето, а испадна од Англија. Н’Коно бранеше на три светски првенства, во 1982, 1990 и 1994 година и да не бил тој, италијанскиот фудбал во последните дваесет години би бил многу поразличен.
-Тато, купи ми ракавици, кажал Џиџи после тоа првенство.
Од тогаш освои десет скудета(иако две му се одземени, тој си ги смета како свои), пет пати беше во најдобрите на светските првенства, рекорди 168 пати бранеше за Италија, има 621 натпревар за Јувентус, со кого вечерва го игра своето трето финале од Лигата на шампионите, после поразите во 2003 и 2015 година.
Џиџи толку бил воодушевен од камерунскиот голман, дури и својот син го крстил по него.
-Кога последен пат се видовме Н’Коно и јас, ме праша како е син ми Луис Томас. Му кажав дека и тој е фудбалер, но не сака на голот. Повеќе сака да игра напаѓач. Така започна и татко му, раскажа Буфон.
Реал Мадрид ја брани титулата и според обложувалниците е мал фаворит, но Јувентус до финалето прими само три гола и единствен е без пораз оваа сезона во тоа натпреварување. Реал го има Роналдо, Јувентус го има Буфон, на кого освојувањето на Лигата на шампионите би му била круна на величенствената кариера.
И не само тоа. Ако Јувентус се качи на врвот на Европа, а Буфон биде меѓу најдобрите, би било време да го номинираат за Златната топка, а исто така би било ред и да ја освои како прв голман по легендарниот Русин, Лав Јашин на кого тоа му успеа во 1963 година.
-Се чини како трофејот од Лигата на шампионите успешно да ме избегнува. Губев финалиња и доста ми е од тоа. Сонувам да ја кренам таа канта високо во воздух, кажа Буфон.
Човекот кој го инспирираше да стане голман му порача:
-Џиџи, застани на голот и уживај како што секогаш си ужива. Ако уживаш, притисокот ќе исчезне и наградата ќе дојде, кажа 60 годишниот Томас Н’Коно
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.