Универзитетот Кембриџ вработи манијак – ама за лего коцки. Додуша, позицијата ја нарекуваат „Лего професор по игра“.
Среќникот е Пол Рамчандани, а проектот е дел од истражувачката иницијатива The Lego Foundation’s Play in Education, Development, and Learning (PEDAL). Иако звучи многу забавно и подеднакво несериозно, работата не е така наивна; Пол е специјалист за детско ментално здравје, а целта на PEDAL е истражување на улогата и важноста на играта во детското образование. Дел од фокусот се однесува на тоа како играта може да помогне во учење на основни вештини – како решавање на проблеми и тимска работа. Сознанијата од систематското истражување, фундирано од Lego, ќе бидат искористени за едуцирање на родителите, школите, а и владите.
Очигледно, Lego имаат намера да станат многу повеќе од играчка, и да земат многу поактивно учество во животите на децата. Дали тоа ќе е добро или лошо – не се знае. Сепак крајната цел секогаш ќе биде профит и ширење на пазарот, што не мора да значи дека ќе биде на штета на децата. Од друга страна, дефинитивно значи дека се работи за долгорочен проект, што дава надеж дека и други Lego манијаци како Рамчандани ќе добијат шанса за вакво работно место од соништата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.