Македонија има јасни стратешки определби и опстојува на нив, несакајќи да наштети никому, води политика на отвореност, негува добронамерни односи на пријателство, соработка и меѓусебна почит. Ова му го соопшти македонскиот претседател Ѓорге Иванов на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на денешната средба во Москва.
Иванов, како што јави известувачот на МИА, ја оцени средбата со Путин како пријателска, конструктивна и содржајна. Рече дека станало збор за состојбата во Македонија и во регионот, за економската соработка, за црквата,…
– Политичката криза што ја имавме во последните 2,5 години доведе до застој во функционирањето на заедничката меѓувладина комисија со Русија која, се надевам, сега со формирањето на новата влада ќе може да профункционира и да ги продолжи позитивните трендови во економската соработка, изјави Иванов по средбата.
И Путин, како што нагласи, ја спомнал економската соработка која меѓу Македонија и Русија е интензивна, достига околу 200 милиони долари, но тоа се уште не е доволно за потенцијалот што постои кај нас за да можеме да извезуваме, а исто така и од руската страна.
– Политичката криза многу проекти, многу активности има блокирано и затоа, се надевам дека новата влада со формирање повторна меѓувладина комисија за економска соработка ќе ги поттикне тие почнати проекти бидејќи имаме во сферата на енергетиката, имаме извоз на земјоделски производи, има интерес на руски инвеститори да инвестираат во нашите економски зони, рече Иванов.
Економијата, додаде, е глобална и на тој план, бизнисмени присутни на сите меридијани се заинтересирани и за Македонија.
– Македонија нуди навистина поволни услови за водење бизнис, имаме поволна клима и храна која е добредојдена на нивните пазари, така што имаме голем потенцијал, но се зависи од тоа како ние внатре ќе си ги средиме состојбите за да може тоа што постоело да се надградува и да се развива, истакна шефот на државата.
Рускиот претседател се интересирал за ситуацијата во Македонија и на Балканот, бидејќи, целиот регион поминува низ турбулентен период и сакал, истакна Иванов, лично да се информира за одредени состојби.
– Разговаравме и за состојбите во целиот наш регион, на Блискиот Исток, на Балканот. Русија секој пат е земја која е постојана членка на Советот за безбедност и од тој аспект ги следи сите настани особено безбедните прашања и интересот беше да се чујат согледувањата од страна на Македонија за сите тие актуелни прашања кои постојат во нашиот регион, посочи Иванов.
Одговорајќи на новинарски прашања, напомена дека Македонија не сака нејзините стратешки определби да бидат на штета на односите со Русија.
– Русија е голема земја и Македонија како мала земја мора со сите големи сили да има однос на искрено пријателство бидејќи таа е и членка на Советот за безбедност. Со сите членки на Советот за безбедност Македонија секогаш имала и мора да има односи на пријателство и на почитување. Нашата политика на отвореност кон сите добронамерни продолжува и настојуваме со сите големи земји да имаме односи на пријателство, соработка и на меѓусебна почит, подвлече Иванов.
Според него, секоја земја си има свои интереси и поаѓа од нив, така и големите земји си имаат свои интереси и, иако ги следат состојбите и во регионите и во светот, секојпат поаѓаат од нив.
– Тоа што се случува кај една голема сила се случува и кај друга голема сила, ние малите можеме да ги согледуваме сите тие нивни односи, но сепак да не бидеме заложници на многу конспиративни теории, многу за да можат кратко речено да профитираат. Сепак, големите земји се големи земји, имаат свои стратегии, си ги следат нивните интереси, а наше е едноставно да си остојуваме на нашите стратегиски цели и да направиме се да тоа не биде на штета на другите, посочи македонскиот претседател.
Потсети дека повод за посетата на Москва е големото признание кое му беше лично врачено од патријархот Кирил, а кое, рече, е признание за сите негови и заложби на Македонија за поттикнување, чување и негување на христијанските.
– Разговорите што ги водевме со патријархот се во функција на улогата што ја има Руската црква околу промовирањето на христијанството во период кога сите христијани во светот се изложени и на напади и на големи преселби, особено на Блискиот Исток и Северна Африка. Следиме што се случува со христијанскиот свет, рече Иванов.
Дополни дека имал многу конструктивна средба и со епископот Тихон кој беше во посета на Македонија и ја промовираше неговата книга. – Тихон искажа многу позитивни и искрени чувства за тоа што се случува во Македонија во поглед на нашите верници, на нашата Црква и нашите манастири, истакна Иванов кој денеска присуствуваше и на службата посветена на патријархот Кирил по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.