Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница треба да ги разгледува иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон со што ќе се овозможи градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори. Како што е објавено на веб страницата на Судот, на истата седница ќе се одлучува и дали може да почне исплатата на субвенциите за земјоделците.
Иницијативата која се однесува на градоначалниците е трета точка за седницата што ќе се одржи денеска, а со неа се бара оценка на уставноста и на законитоста на член 35, став 1 и на член 49 од Законот за локалната самоуправа, член 16, став 1 и член 16, став 1 во делот „во првата половина во мај“ од Изборниот законик.
До Уставниот суд иницијативи за продолжувањето на мандатот на градоначалниците и на советниците поднесоа Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда и од Светскиот македонски конгрес.
Локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но поради тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.
Заедницата на единици на локалната самоуправа апелира и сугерира Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајдет решение за мандатите на градоначалниците и општинските совети. Една од можностите, според ЗЕЛС, е измена на Изборниот законик, наместо прва половина да се утврди нов датум за одржување на локалните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


