
Перо Антиќ и Фенербахче се првите кои можат да го прослават пласманот на завршниот турнир во Евролигата. Најдобриот македонски кошаркар ќе има уште еден обид да стигне до својата трета титула европски првак откако со својит тим успеа да обезбеди пласман на фајналфор турнирот од Евролигата што ќе се одржи во Истанбул. По двете победи во серија во Атина, Фенер вечерва го совлада Панатинаикос со 79-61 и на третиот меч во низа (овојпат во Истанбул), за максимални 3-0 во оваа четвртфинална серија.
Почетокот на натпреварот им припадна на гостите, кои како да сакаа да се вратат по двата порази во Атина, но нивното водство траеше некаде до средината на втората четвртина (25-26). Од тој момент избраниците на Обрадовиќ започнаа резултатски да се одлепуваат и на полувреме заминаа со предност од +7 (37-30).

И по одморот турскиот тим беше тој кој ја водеше играта, ја доби четвртината со 15-12 и пред последниот период влезе со високи +10 (52-42). Играта на Панатинаикос едноставно се распадна, на моменти Грците губеа и со -22 (69-47), за да на крајот Фенербахче слави победа со резултат 79-61.
Најзаслужни за високата победа на Фенербахче беа Боби Диксон со 13 поени, а Богдановиќ, Калиниќ, Удох и Датоме запишаа по 10 коша. Во тимот на Панатинаикос, Риверс со 14 и Синглетон со 12 поени беа единствени расположени кошаркари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


