| четврток, 6 декември 2018 |

Собраниската конститутивна седница ќе продолжи утре

Собраниската конститутивна седница и попладнево продолжи со процедурални забелешки, реплики и контрареплики.

СДСМ повторно побара претседавачот Трајко Вељаноски да го стави на дневен ред предлогот за преминување на четвртата точка – избор на собраниски спикер, на што ВМРО-ДПМНЕ одговори дека со тоа се крши Деловникот.

По час и половина меѓусебни обвинувања, Вељаноски даде кратка пауза, замолувајќи ги пратениците да се откажат од процедуралните забелешки за расправата да продолжи, како што рече, со нормален тек. Но, дискусијата и по паузата се одвиваше исто.

Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ 10-ти ден е надвор од парламентарната демократија, оцени СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ побара од нив јавно да се откажат од т.н. тиранска платформа и да кажат на што базира постизборниот инженеринг со кој собраа мнозинство потписи.

– Се работи за платформа која е договорена по изборите и која е уцена за да се формира влада. Не може да ве изгласаат за НАТО, а вие во Парламентот да се залагате за Русија, не може СДСМ да ги гласаат за минимална плата, а тие да нудат платформа од Тирана. Постизборната измама на гласачите е исто така измама на довербата кон цел народ, рече Милошоски.

Повикувајќи се на изјавата на Зијадин Села, Милошоски нагласи дека ако договореното во Тирана е цената што треба да се плати, тогаш ќе мора за таа цена да се изјаснат и граѓаните кои не гласале за такви декларации.

– Ниту гласачите на СДСМ, ниту гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, ниту помалите етнички заедници се изјаснувале на изборите за платформа која треба да му послужи како предизборен маркетинг на Еди Рама. Нам во Македонија не ни е потребен Рама за да имаме добри односи со ДУИ, ДПА, Беса, Алијанасата на Албанците,… Затоа сметам дека и Села и Заев, двајцата политичари кои во моментов се залагаат за ревизија на Охридскиот договор, би требало да бидат свесни дека тоа е голем ризик за стабилноста на Македонија и меѓуетничката доверба, подвлече Милошоски.

Се надоврза Илија Димовски со став дека стабилноста им е неопходна на сите, но со скриени документи, тоа нема да се постигне.

– Фали јасност на информациите кои недостасуваат во јавноста. Неколку пати слушаме од СДСМ дека единствениот документ по кој ќе се бира владата е документот што го покажуваат, но, извадете ги сите работи што сте ги договориле, рече Димовски.

Крсте Мукоски дополни дека ако не го прифателе документот потпишан во Тирана, СДСМ немале да имаат мнозинство. – Упорно се обидувате да не внесете во некаква магла, и нас и граѓаните, нагласи Мукоски.

Процедурално за збор се јави и Крсто Јовановски. – Проблемот не е  во пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во точката број 3, во тоа како се води седницата или во тоа колку се пријавени за збор, туку во тоа што потпишавте платформа создадена во Тирана врз основа на која добивте мнозинство во Парламентот и сега барате да формирате влада. Предавството што го направивте е предмет на разговор, им предочи Јовановски на пратениците од СДСМ.

За Лилјана Кузмановска, нервозата кај СДСМ е евидентна. – Вие ги лажете македонските граѓани и овој момент го користите за да вршите притисок во Собранието, истакна Кузмановска.

Според Стефан Богоев, ВМРО-ДПМНЕ 10-ти ден ја кочи работата на Собранието. – Се обидувате да создадете ненормална нормалност во државата. Од една страна го обвинувате Заев, а од друга велите дека ќе му дадете поддршка да биде премиер. Исто правите и со СЈО, посочи Богоев.

Радмила Шекеринска констатираше дека ВМРО-ДПМНЕ не го чита Деловникот, а кога го чита, бара текст што не постои. – Осум години на државата не и беше ништо, но сега е загрозена зашто не сте во коалицијата, забележа Шекеринска во однос на обвинувањата за платформата.

Петре Шилегов неколку пати го повика Вељаноски да се погрижи за запазување на работата на Собрабието и Деловникот. – Ова што го правите и вие и ВМРО-ДПМНЕ е правно насилство и терор на параментарно малцинство врз парламентарно мнозинство. Македонија е парламентарна демократија и по основ на мнозинство се формираат институциите на државата. Ова е втор ден со процедурални забалешки по предлог согласно член 78 од Деловникот, но вие не го ставате на дневен ред, укажа Шилегов.

На тоа возврати претседавачот Вељаноски. – Вие вршите политички терор со процедуралните забелешки за една работа која два дена се расправа. Читате само еден член, од членот еден став, а од ставот половина, наместо целиот Деловник, укажа Вељаноски.

И Горан Милевски од ЛДП побара Вељаноски да го стави на гласање предлогот што го изнесе Оливер Спасовски зашто членовите 78 и 80 од Деловникот, рече, се јасни.

Весел Мемеди од Алијанса за Албанците, пак, му реплицираше на Милошоски во врска со Села, лоцирајќи го проблемот во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. – Не е коректно да велите дека Зијадин Села ги нарушува меѓуетничките односи. Вината да ја барате таму каде што е, а не секогаш кога имате проблем со СДСМ, Албанците да бидат колатерална штета, му порача Мемеди на Милошоски.

Тој воедно побара ВМРО-ДПМНЕ да биде принципиелна ако тоа го бара од другите, да се огради јавно од изјавите за гасните комори и од,како што рече, многу други декларации.

Реплицираше и Фадил Зендели од Беса со став дека албанските партии сакаат да придонесат за надминување на политичкиот грч во кој се наоѓа Македонија. Воедно побара од Вељаноски да реагира кога, како што рече, некој од пратениците собира политички поени со неосновани обвинувања.

Во текот на дисксуијата зборуваше и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. Оцени дека палтформата е предавство на македонскиот народ и македонските национални интереси. – За тоа треба да зборуваме, должни сте да дадете одговор на овие прашања, потенцира Димовски. И според Драган Цуклев, јасно е дека СДСМ бега од одговорит што е догооворено во Тирана и на што базира постизборниот инженеринг за собирање мнозинство потпииси.

Собраниската седница ќе продолжи утре, во 11 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top