| четврток, 6 декември 2018 |

Неуспешен обид на романскиот претседател да го пресели самитот од Охрид во Букурешт

 Traian Basescu

Претседателот на Романија, Трајан Басеску, ги повикал амбасадорите на земјите-членки на ПСЈИЕ и им ја соопштил неговата иницијатива, Самитот на ПСЈИЕ и Форумот дијалог меѓу цивилизациите да се одржат викендов во Букурешт, пишува порталот МКД.Мк, повикувајќи се на високи дипломатски извори.

Според нашите извори, Басеску вчера побарал земјите-учеснички да го потврдат учеството до денеска претпладне. Изворите потврдуваат дека голем број држави-членки со изненаденост, дури и со неверување, ја примиле иницијативата и дека најмалку пет од нив експресно ја отфрлиле.

Од кабинетот на претседателот Иванов ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат иницијативата на Басеску.

Високите дипломатски извори истакнуваат дека претседателот Иванов направил вистинска процена на состојбите во регионот и донел правилна одлука да ги откаже самитите до оној момент до кога ќе се создадат услови за регионалната соработка да продолжи, согласно со посакуваното темпо и содржина.

Неофицијално дознаваме дека дипломатските кругови, не само во регионот, туку и во Брисел и во Вашингтон, ја поздравуваат храброста и одлуката на претседателот Иванов отворено да прозборува за проблемите со кои се соочува регионот на ЈИЕ. Позитивно се оценува и изјавата на генералниот секретар на РСС Горан Свилановиќ, според кој одлуката на македонскиот претседател на среден и долг рок ќе даде позитивни ефекти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top