| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска ќе биде отворен објектот „Стар театар“

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска во 11.30 часот ќе се обрати на отворањето на новата театарска зграда на објектот „Стар театар“, кој свечено ќе биде примопредаден на Националната установа Македонски народен театар.

Отворањето на новиот објект ќе биде одбележано со изведба на фрагменти од повеќе претстави на Македонскиот народен театар, со изведба на фрагменти од претставата „Вечната куќа”, по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември свечено ќе биде отворена новата театарска сезона, но и со отворање на еден навистина значаен сегмент од дејствувањето на новиот театар, односно промоција на Музејот на МНТ, кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.

teatar skulpturi 7

Новиот театар, кој е лоциран на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на стариот театар, кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 квадратни метри, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и со две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целата сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.

D93E5F18FE8AE7458F962D198EF84727

Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката што ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.

Со изградбата на „Стариот театар“, Република Македонија за првпат добива современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top