Граѓаните пијат безбедна вода. Водата од ЈП Водовод и канализација Скопје редовно се испитува од нивните лаборатории, како и од страна на Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје.
Ова денеска го истакна проф.д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје на Република Македонија на одбележувањето на Светскиот ден на водата 2017, во рамки на кое на платото пред Домот на АРМ се одржа Саем на вода на кој присуствуваа голем број ученици од неколку основни училишта, студенти од Медицинскиот факултет, пензионери…
Годинава мотото на Светскиот ден на водата е „Отпадните води и кампањата Зошто отпадните води?“
Тој посочи дека потребно е редовно да се прочистуваат урбаните отпадни води. Отпадните води ако не ги пречистуваме и ако ги испуштаме така како што се добиваат, нагласи, ќе ја загадат животната средина, површинските води, подземните води, почвата и после производството на храна би било небезбедно.
– Добар дел од градовите немаат прочистување на комуналните отпадни води и тоа е во процес. Скопје има веќе направено студија, во Прилеп и Гевгелија е во завршна фаза изградбата за пречистителни станици за комунални отпадни води, а се планира и во Струмица. Кога ќе ги прочистиме комуналните отпадни води ќе се подобри квалитетот на реките каде тие се испуштаат. Некои земјоделци користат вода од реките. Постои се уште ризик за загадување на почвата и на земјоделските култури – рече Кочубовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


