Опасноста Заев да биде првиот светски политичар што признал дека неговиот народ направил геноцид е сѐ поголема. Наспроти сите меѓународни конвенции вклучувајќи ја и Конвенцијата на Обединетите Нации според која „Геноцид е акт со намера да уништи целосно или делумно национална, етничка, расна или религиозна група“ лидерот на СДСМ решил сам да ја преземе улогата на Меѓународниот суд на правдата и да дели историски лекции и казни на цели народи. Тој не отстапува од резолуцијата за геноцид врз Албанците иако на ниту една релевантна меѓународна листата на случаи на геноцид никаде го нема албанскиот народ како жртва на геноцид а ни од далеку ги нема Македонците како потенцијални извршители на геноцид.
Несвесен во каква авантура влегол, Заев нема проблем да биде првиот политичар што признал дека, освен соседите (Србија и Бугарија), и неговиот сопствен народ систематски убивал мажи, одземал живот на жени за да не може да се обнови уништениот народ и колел деца за да биде истребен албанскиот народ во Македонија.
Според налудничавите намери на Заев, кој уште не открива јавно што точно договорил со ДУИ, формално, македонската држава ќе биде одговорна за геноцидот што, наводно, се случувал врз Албанците од 1944 година, кога е формирана Демократска Федерална Македонија, како дел од Федеративна Југославија, сѐ до 1956 година, кога, според ДУИ и Заев, прекинал под сѐ уште нејасни околности. Во овие 12 години, според Заев и неговите партнери од тиранската платформа, македонските власти се виновни за најтешкото злосторство во историјата на човештвото и за тоа следуваат и репарации за наследниците на жртвите на евентуалниот геноцид, а за Македонците ќе остане врежано во историјата на човештвото дека се народ што уништувал други народи.
Србија и Бугарија можат да ни станат најголеми непријатели
За периодот од 1912 година, односно од формирањето на албанската држава до крајот на Втората светска војна, Заев ќе ја префрли вината на Србија, која владеела на македонската територија до 1941 година и на соседна Бугарија, која како сојузник на Хитлер ја окупирала Македонија. Централното прашање во овој контекст, секако, не е зошто Заев не се вразуми и веднаш да ја отфрли оваа идеја на ДУИ, туку зошто интелектуалците во СДСМ не му укажат дека со овој потег Заев создава најголеми непријатели од двата најблиски соседа.
Да не заборавиме, иако и Србија и Бугарија постојано, во разни пригоди и теми, поаѓајќи од историските собитија, водат непријателска политика кон Македонија, сепак и српскиот и бугарскиот народ ги гледаат Македонците како најблиски пријатели и браќа. Ова чувство, и покрај редовните разочарувања од своите соседи, го имаат и Македонците за своите соседи на север и на исток. Со резолуцијата на Заев со која Србите и Албанците ќе бидат запишани како геноцидни народи, дефинитивно, ќе заврши приказната за пријателски односи со Белград и со Софија.
И затоа Заев мора да разговара со историчарите, политиколозите и со другите интелектуалци во својата партија и надвор од неа за да ги сфати последиците од овој чекор. Партиските другари на Заев мора да му објаснат дека со обвинувањата за геноцид на соседите се отвора можност и за други видови конфликт, кој нема да биде ограничен само на дипломатски расправии и на салонски резолуции за евентуални Бугари во Албанија или за признавање на Косово во УНЕСКО. Доколку лидерот на СДСМ не се откаже од овој дел од тиранската платформа, нема да треба да чека реакција од Ниш и од Благоевград. Сѐ поизвесно е дека за ова злодело ќе мора да одговара прво пред десетиците илјади Срби или луѓе од мешовитите српско – македонски бракови, кои се членови или се дел од гласачите на неговата партија. Тие, сигурно, нема да му простат што со еден параф ќе стави црн печат на српската историја.
Заев е поголем антисрбин од Тачи
Единствениот меѓународен извор што говори за геноцид врз Албанците е владата во Приштина, односно партијата на Хашим Тачи, која во март 2015 година поднела резолуција со која Србија требало да биде обвинета за спроведување геноцид врз Косовците. Но дури и Тачи и косовските лидери не одат толку далеку колку нашиот јунак Заев, кој, најверојатно, прифаќа да се врати 100 години назад за да дојде до премиерската позиција.
Во резолуцијата на косовските партии се бара Србија да биде виновна за геноцид само за периодот 1998 – 1999 година, за време на косовскиот конфликт кога точно се знае колку Косовци беа убиени од страна на српските власти и паравоени групи. Како што точно се знае колку Срби, Роми и Бошњаци загинаа од страна на косовските вооружени групи.
Дури и Германија е внимателна со сопствениот јасно докажан геноцид
На Германија ѝ беа потребни цели 35 години за да прифати дека нацистичките власти во Втората светска војна извршиле геноцид врз Ромите, иако за тоа има прецизни информации, поткрепени со извештаи и со конкретни имиња, и обемот на документиран геноцид врз Ромите е огромен и се движи до еден милион луѓе. На Заев му требаше една средба со Ахмети за да реши дека Македонците, Србите и Бугарите се виновни за геноцид, а притоа нема ниту еден доказ, ниту соодветно истражување, па дури ни меѓу албанските научници, дека такво нешто, навистина, се случило.
Србија куртули во Босна, ќе настрада од Заев
Најдобар пример што докажува колку налудничава станува целата работа со обидот на Заев да дојде на премиерската позиција е Србија, која иако беше директно инволвирана во масакрот во Сребреница, беше ослободена од обвинението за геноцид во овој случај. Според Меѓународниот суд на правдата во Хаг, државата Србија иако не сторила ништо за да се спречи масакрот во кој загинаа меѓу 5 и 8 илјади луѓе, сепак формално не е прогласена за виновна. Подоцна и Меѓународната комисија формирана од Педи Ешдаун заклучи дека Србија не е виновна за геноцид. Но на Заев не му требаат ни суд ни меѓународни стручњаци, тој самиот решава за работи што, во нормалниот свет, се предмет на децениски докажувања.
(Текст објавен во 236. број на неделникот Република, 10.03.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.