| четврток, 6 декември 2018 |

Јувентус со два контраверзни пенали до пресврт и победа над Наполи во Купот на Италија (видео)

juventus

Кога играат Јувентус и Наполи, не само што никогаш не е здодевно, туку напротив – секогаш е пеколно, како на теренот, така и на трибините. Тоа беше случај и на вечерашниот натпревар, прв од полуфиналето во Купот на Италија што се играше во Торино, на кој Јувентус со пресврт во вториот дел победи со 3-1, обезбедувајќи си солидна предност пред реваншот во Неапол.

Ако се каже дека Јувентус два од трите гола постигна од пенал, јасно е дека сега ќе следи лавина од реакции од страна на „наполитанците“, кои имаат право за нервоза откако сите спорни судиски одлуки завршија на нивна штета.

Soccer: Italy Cup; Juventus-Napoli

Првиот дел мина во израмнета игра во која Наполи успеа да стигне до предност со голот на Калјехон, по одличното двојно додавање на Инсиње и Милик. Јувентус во вториот дел тргна поофанзивно, Алегри го смени Лихтштајнер со Квадрадо, па „старата дама“ експресно израмни. Дибала беше стрелец од пенал, иако гостите протестираа дека самиот домашен фудбалер го иницирал контактот со Кулибали.

Пепе Реина, кој имаше одлични интервенции во финишот од првото полувреме, од херој се претвори во трагичар, откако непотребно истрча од гол-линијата при едно нафрлување, овозможувајќи му на Игуаин да ја затресе неговата мрежа.

Soccer: Italy Cup; Juventus-Napoli

Се чини најспорен е третиот гол за „старата дама“, откако судијата во шеснаесетникот на Јувентус не досуди прекршок за пенал по стартот врз Раул Албиол. Домаќините веднаш тргнаа во контранапад, Квадрадо се обиде да го мине Реина, голманот ја закачи топката пред да има контакт со офанзивецот на Јувентус, но судијата покажа на белата точка. Фудбалерите на Наполи жестоко протестираа, но се беше попусто, Дибала повторно беше прецизен од единаесет метри, носејќи му на Јувентус одлична предност пред вториот меч што ќе се игра на „Сан Паоло“ во Неапол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top