| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните порачаа: Црвено-жолтата линија нема да ја пречекорите! (ГАЛЕРИЈА)

Над 20 илјади граѓани маршираа попладнево од Владата на Република Македонија до Законоданиот дом. Маршот кој не беше поддржан од ниту една политичка партија, наиде на голем одзив кај народот, граѓаните спонтано масовно се собираа за да испратат порака дека ја сакаат својата татковина и нема да дозволат разнебитување на државата.

Ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави, без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме – порачаа од Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија, која денеска на мирниот протестен марш прочита проглас со кој се бара од политичките партии да го почитуваат уставот на Република Макединија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и суштината на нашата држава.

Уставот на Република Македонија, како што стои во Прогласот, е јасен и прецизен во однос на многу прашања кои се однесуваат на македонскиот идентитет и од него не се остапува.

„Македонија е модерна граѓанска република. Македонците, Албанците, Србите, Ромите, Бошњаците, Турците, Власите и другите живеат во единствената матична држава на македонскиот народ, се уште во 21 век е соочен со негирање и дискриминација. Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја потхранува и уважува дискриминаторската политика на одредени земји“, рече оперскиот пејач Игор Дурловски пред 20.000 граѓани кои се одѕваа на повикот за одбрана на Македонија.

Претставниците на Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија Игор Дурловски, Александар Русјаков, Борис Дамовски, Елена Мисиркова и Богдан Илиевски повикаа за семакедонско, сеграѓанско помирување и смирување на страстите.

-Да го осознаеме она што е виш интерес за сите оние што живееме и твориме за и во Република Македонија, рече Елена Мисиркова, внука на Крсте Петков Мисирков.

Режисерот Борис Дамовски рече дека нивни главни поенти се зачувувањето на уставниот поредок, почитување на сите политички субјекти на Уставот, на сите партии, избегнувањето на делување по туѓи диктати.

-Најголемата црвена линија што може да се помине е менувањето на Уставот на Република Македонија. Ние се обидуваме на мирен начин, со што поголем број на граѓани и здруженија да ја искажеме нашата волја уште еднаш, вон регуларниот демократски процес кој е завршен“, појасни Дамовски.

Актерот Владо Јовановски, пак, порача дека не може да се убие идејата за Македонија како и душата на граѓаните.

– Јас сум овде затоа што станува збор за мојата татковина, затоа што станува збор за зачувување и одбрана на унитарноста на Република Македонија и пред се на македонскиот јазик кој е корен за нашиот опстанок и идентитет. Ова е можеби само почеток, овие луѓе што овде се собрани имаат јуначко срце, татковината не се брани со продажба на државните интереси туку со душа срце и љубов, рече Јовановски.

 

Дури и организаторите истакнаа дека се изненадени од огромниот број на граѓани кои се приклучија, по помалку од 12 часа од формирањето на иницијативата. На маршот се скандираше МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНИЈА, ОВА НЕМА ДА ПОМИНЕ и се пееја патриотски песни.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top