Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски го посетија погонот на прилепската фирма „Стара фурна“, изграден и ставен во функција во индустриската зона „Прилеп 1“. Како што рече Ибрахими оваа фирма за производство на леб ги проширила капацитетите и вработила нови лица преку владините програми за вработување.
– Последните години оваа фирма беше дел од владините мерки за вработување и е успешен пример како од нула се развива успешен приватен бизнис. Фирмата почна со еден, а сега има 39 вработени и поседува повеќе објекти. Компанијата „Стара фурна“ е вистински пример за да се развива сопствениот бизнис. Ова е показател дека оперативните планови и активните мерки на владата за вработување и намалување на невработеноста се успешни. Најавата за отворање 10.000 работни места, што се оперативни планови на владата за оваа година, ќе им помогне на многу компании да отворат работни места и да го прошират бизнисот – рече министерот Ибрахими.
Компаниите, додаде, се веќе вклучени во низа мерки во оперативните програми.
– Но тука нема да застанеме. Се што може ќе им помогнеме на компаниите за пребродување на одредени тешкотии во бизнисот и унапредување на технологии кои им се потребни за развивање на бизнисот – рече тој.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, потсети дека е објавен 11 оперативен план за активни мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, вреден над 870 милиони денари.
– Овој оперативен план е со поголема вредност од досегашните. Од 870 милиони денари, 74 милиони денари се директно од Европската Унија преку третиот грант за поддршка за вработување на млади до 29 години. Низ целиот оперативен план ги следиме сите бизниси што сме ги формирале за да формираме нови бизниси, да го поттикнеме претприемничкиот дух, а воедно да им помогнеме на тешко ранливите групи полесно да се вработат преку обуките со субвенционирано вработување или преку субвенцијата за условен паричен надомест која е наменета за граѓаните во директен социјален ризик, рече Поповски.
Информира дека фирмата која ја посетија со министерот Ибрахими формираше во 2012 година преку програмата за самовработување со еден вработен, со грант од 3.000 евра и обука.
– Низ годините ние го следевме, па минатата година компанијата „Стара фурна“ ја доби една од десетте награди за брзорастечки фирми, или таканаречени „Газели“ со што доби 10.000 евра и можност да вработи 4 лица. Се надевам дека сопаственикот и годинава ќе учествува во дел од мерките за вработување, зашто имаме потреба од зачувување на трајните вредности, односно занаетите, истакна Поповски.
Тој нагалси дека со досегашните мерки за вработување, над 43.000 лица се уште се во работен однос. – До овој момент, со владините мерки за вработување, 43.744 лица се уште се во работен однос, независно дали биле преку проектите „Македонија вработува 1“, „Македонија вработува 2“ или преку мерката вработување на лица до 29 години со ослободување од придонеси. Овие бројки даваат стимул да работиме уште повеќе, да вложуваме во активните мерки и програми за на крајот, да ја намалиме невработеноста во Македонија, истакна директорот на АВРМ.
Сопственикот на компанијата „Стара фурна“ Владо Апостолоски нагласи дека сака да вработи уште 12 лица.
– Сакаме да се прошируваме. Наскоро сметаме да отвориме нови 12-13 работни места и покрај погонот во Индустриската зона во Прилеп, сакаме да отвориме и млечен ресторан. Моментално леб испорачуваме во Прилеп, Кавадарци и Велес и комплетното производство ќе биде околу 10.000 парчиња леб дневно, рече Апостолоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.