
Колумнист: Горан Момироски
Меѓународната заедница е заинтересирана за стабилноста на Македонија и во тој контекст теоретски може да се разгледа нејзиното барање за формирање голема коалиција во Македонија. На барањето на различни европски и билатерални инстанци за влада која би ги собрала сите релевантни политички партии во Македонија може да се гледа и позитивно, но притоа не смее да се исклучи варијантата во која широка коалиција се бара со друга цел.
Во ниту едно сценарио не смее да се исклучи дека на ЕУ и на САД во годините што претстојат, во кои има шанса за помирување меѓу Русија и Америка, но има и простор за натамошно радикализирање на ситуацијата меѓу Вашингтон и Москва, им одговара да се затвори македонско-грчкиот спор за името и да се бетонираат евроатланските граници во југоисточна Европа. Со тоа Вашингтон и Брисел ќе имаат една невралгична точка помалку доколку дојде до преговори за идните сфери на влијанија во светот. Со затворен спор со Грција може да се очекува Македонија брзо, со политичка одлука базирана на геостратешки интереси, да влезе во НАТО и во ЕУ и со тоа Русија да добие помал простор за маневар и пенетрација на Балканот, нешто што неодамна го најави и рускиот претседател Путин.
Оттаму разбирлива и логична е тезата дека ЕУ и САД инсистираат на формирање широка коалиција со влада која ќе има простор за донесување крупни одлуки, меѓу нив и менување на уставното име. За нив, но и за сите оние што мислат дека Македонија ќе нема голема штета ако се согласи на некаква вештачка кованица од типот „Северна Република“ или „Горна Република“, каде што граѓаните ќе зборуваат некој нов јазик, е најдобро во таа влада да биде и ВМРО-ДПМНЕ, особено ако партијата ја загуби својата моќ со која една деценија се опира на притисоците за промена на името.
Политичарите да берат ум, кризата не е алиби за национално предавство
Барањето за голема коалиција во Македонија од странски центри, како, на пример, Лондон, каде што полека гасне европската идеја на Жан Моне, уште повеќе ни ги проширува видиците зошто е потребно во владата да учествуваат сите партии. Така, сметаат странските фактори, многу полесно ќе се отфрли идејата за референдум за името кое е објективна пречка за намерите на големите сили по кратка постапка да го променат македонскиот идентитет.
Тие мислат дека со голема коалиција и заедничка одлука на сите партии, без да се одржи референдум, Македонците полесно ќе го проголтаат своето преименување и губењето на своето основно човеково право на идентитет за кое никој никогаш не преговарал, а не, пак, да се откаже од него. Големите сили сѐ уште не разбраа дека ниту голема коалиција ниту широка влада не може да донесе трајно решение за уставното име и во прв ред урнисување на македонскиот идентитет, кој дури и ако е граден во последните 70 години, како што тврдат некои балкански националисти, не може да биде променет со притисок од надвор или со предавничка политика на политичките партии. Затоа сите во странство, а пред сѐ тие во Македонија, што размислуваат за идентитетски инженеринг преку формирање голема коалиција треба да знаат дека дури во тој случај ќе видат што е вистинска криза и голгота. Дури тогаш ќе видат дека сегашната политичка криза, без разлика дали за неа е виновен Сорос или домашните калкуланти, била само шега. За да им биде уште појасно на тие што се сомневаат во капацитетот на македонскиот народ да го одбрани своето, треба да им се каже дека сѐ уште постојат доволен број луѓе што нема да дозволат преку ноќ да станат „Горномакедонци“ што говорат „горномакедонски јазик“. Во тој контекст треба да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ исто како што по секој цена не смеат да направат влада со ДУИ и со БЕСА, по ниедна цена не смеат да направат компромис штетен за Македонија, а однесувањето на грчките и на бугарските фактори, но и на европските и на американските, досега не даде надеж дека е можно решение со кое и ние ќе бидеме задоволни.

Притисокот никогаш не треба да нѐ изненади
Се разбира, македонските политичари не треба да бидат изненадени од странската координација што ја гледаме по кој знае кој пат последните 9 години од самитот на НАТО во Букурешт. Како што не треба да судиме дека сите странски напори за решение на спорот за името и отворање на евроатланските интеграции на Македонија се непријателски кон нашата држава. Не е исклучено дека сега дел од меѓународната заедница сака да се најде решение што ќе биде фер за двете страни, но, сепак, со оглед на важноста на Грција за големите сили, пореално е дека Македонија би била колатерална жртва на странските напори во овој правец. Сепак, во меѓународната политика и историја има премногу примери кога малите, и особено слабите, земји не го добиваат тоа што го имаат зацртано како национален приоритет особено во ситуации кога за решавање имаат повеќе важни стратегиски прашања.
Македонија во моментов има премногу отворени прашања и гледано од секаков аспект, и внатрешнополитички (нема влада), и интеретнички (албанските партии поставија барања што и самите не би ги исполниле да се на власт), и геостратегиски (новиот бран бегалци од Блискиот Исток е подготвен за поход кон Европа, а договорот меѓу ЕУ и Турција едвај се одржува во живот), едноставно е невозможно да добие решение кое би ги задоволило барањата на граѓаните, аманетот на претходните генерации и оставштината за нашите деца, внуци и правнуци.

Грција е сигурна дека сме ставени во ќоше
Изјавата на Алексис Ципрас дека Македонија е таа што води националистичка агенда со територијални претензии воопшто не е случајна. Ципрас, покрај тоа што сака да се позиционира подобро пред својата јавност која наскоро повторно ќе треба да гласа за него на избори, ни кажува дека Македонија во моментов е во најслаба преговарачка позиција од почетокот на преговорите за името пред 24 години и дека тој факт мора да го пресмета во идните сценарија.
Додека неговиот министер Коѕијас, заедно со својот македонски партнер Попоски, две години се обидува да спроведе невозможна мисија и да ги подобри односите меѓу двата соседа, грчкиот премиер се обидува да поентира. Со тоа тој им испраќа порака и на меѓународните фактори што го спонзорираат последниот обид за релаксирање на односите меѓу Македонија и Грција дека не го интересира ништо друго освен грчките црвени линии и позицијата едно име за сите употреби, во кое ќе мора да има географска одредница.
Ципрас јасно на сите им дава до знаење дека со ваква слаба Македонија подјадена од долгогодишна криза нема потреба да прави компромис, туку ќе инсистира на максималистички позиции. За него и за неговата земја нема опасна алтернатива, а добро знае дека за Македонија непостигнување договор и затворање на евроатланските интеграции може да значи крај на македонската држава, исто онака како што зацртале грчките национални стратези во последните 100 години.

Со колку јазици говори меѓународната заедница за Македонија
Меѓународната заедница, кованицата која кај нас се подразбира како пресек на интересите за западните сили во однос на Македонија, постојано бара нешто од Македонија. Дел од тие барања се пријателски, какви што треба да бидат меѓу два партнери, но голем дел од нив се базираат исклучиво на нивните интереси. Затоа Македонија треба да биде внимателна при анализата на вистинската природа на барањата на претставници на таа заедница.
Неретко во минатото интересите на САД во однос на Македонија биле различни или многу појасни од тие на ЕУ или на некоја од големите сили, Германија, Франција или Британија. Како што многу често јавната политика на некои наши партнери била сосема различна од тајната дипломатија која имала цел промени во политичкиот систем и во распоредот на силите. Оттаму разбирливо е прашањето на ВМРО-ДПМНЕ упатено до Амбасадата на САД дали нејзиното дипломатско претставништво има целосна координација со новите правци на дејствување на американската дипломатија.
Само за потсетување, минатата недела паралелно со изјавите на амбасадорот Бејли во Скопје, во Вашингтон се случија драматични промени во Стејт Департментот со кои од највисоките позиции заминаа десетина критичари на Трамп и носители на надворешната политика на САД од времето на Обама.
И, навистина, Македонија треба да добие јасни сигнали дали најавите на Трамп за немешање и ненатурање на американските надворешнополитички приоритети на другите нации се само за јавност или навистина неговата администрација ќе води принципиелна и пријателска политика особено со земја како Македонија, која во 2008 година, во времето на друга републиканска администрација, потпиша договор за стратегиско партнерство. Затоа не треба да се брза, а треба да се прашува, дури и кога дел од опозициските активисти кои не следат какви турбуленции се случуваат во Вашингтон и глобално, прават шеги за ваквиот однос кон американската амбасада во Скопје.
(Текст објавен во 231. број на неделникот Република, 3.02.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


