| четврток, 6 декември 2018 |

Птичјиот грип долета во Македонија

grip

Утврдено е присуство на високозаразна болест авијарна инфлуенција, односно птичји грип тип АХ5Н8 кај живина во струшкото село Мороишта, информираше денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.

Посочи дека вирусот е високо патоген кај живината, но не претставува зооноза и не се пренесува кај луѓето и во ниту еден случај не може да претставува закана по јавното здравје кај луѓето.

– Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен и е констатиран во лабораториските анализи на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со птичји грип и тоа во самото жариште да се уништи целокупната живина, нештетно да се отстрани и да се изврши комплетна дезинфекција – рече Поповски.

Нагласи дека се донесени неколку мерки и се прогласени две заштитини зони под надзор, каде што во согласност со правилникот на терен се уништува целата живина и производи од живина што биле во контакт. На терен се активни 30 тимови по 4 лица.

– Секоја живина што ќе биде угината ќе биде обесштетена. Веднаш ќе се прават записници и ќе се пополнува барањата за штета. Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети – рече Поповски.

Како симптоми кај живината, Поповски ги посочи високата смртност и пад на несивоста.

Според професор Александар Додовски, позитивно е дека вирусот е откриен кај селски живини што дава време за реакција и целосно неутрализирање.

– Вирусот веќе од ноември 2016 година циркулира и е присутен во земјите од Европа. На вирусот му погодуваат ниски температури и го продолжуваат неговиот животен век до надворешна средина. Вирусот во фецес на температура од 4 степени може да опстои активен и до осум недели, додека во површински води на температура од 10 степени е активен од 100 до 120 дена. Значи дека сме во период на максимална активност на вирусот – рече Додовски.

На новинарско прашање за постоење на активни забрани за увоз на живина, Поповски рече дека активни забрани има кон сите земји каде е појавен вирусот, но дека забраните не се однесуваат на цели држави туку на региони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top