| четврток, 6 декември 2018 |

„Ослободувањето на Скопје“ прикажан на отворањето на Филмскиот фестивал Братислава 2016

Македонскиот филм „Ослободувањето на Скопје“ вчера беше прикажан на отворањето на меѓународно познатата филмска манифестација 18.Филмски фестивал Братислава 2016.

Пред бројната публика во елитното кино Носталгија во Братислава беа претставени режисерот на филмот и носител на главната улога Раде Шербеџија, добитник на специјална награда на фестивалот за посебни заслуги во филмската уметност, како и корежисерот Данило Шербеџија и носителката на главната женска улога Луција Шербеџија.

133432416

Во обраќањето пред бројната публика Раде Шербеџија истакна дека бил трогнат од автентичната прикаска во сценариото на Дарко Митревски на текст на Душан Јовановиќ, непосреден сведок на настан што се случил во Скопје во текот на Втората светска војна од призмата на деветгодишно дете.

Филмот е работен според театарска претстава на Душан Јовановиќ што била изведувана во 80-тите години во која главните улоги ги толкувале токму Раде Шербеџија и неговиот син Данило.

Филмот е сниман на повеќе локации во Македонија. „Ослободувањето на Скопје“ е македонски кандидат за престижната награда Оскар од неанглиско говорно подрачје.

Музиката за филмот, што е работен во македонско – хрватско – финска копродукција, ја напишаа Влатко Стефаноски и Туомас Канталинен.

На проекцијата на „Ослободувањето на Скопје“ присуствуваше и амбасадорката на Република Македонија во Словачка, Василка Попоска Треневска, како и бројни филмски работници, културни дејци и политичари од Словачката Република.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top