| четврток, 6 декември 2018 |

Грција ќе враќа ДДВ за сметки од 50 евра

Грчките власти ја намалија границата за враќање ДДВ на купени производи, бела техника и облека во Грција за странски државјани и наместо досегашната најмала сума од 120 евра на една сметка, ДДВ ќе се враќа за сума од 50 евра на една сметка.

Со одлука на Генералниот секретаријат за јавни приходи во Атина, отсега со секоја сметка во износ од повеќе од 50 евра, посетителите и туристите од странство, вклучувајќи ги и македонските, на излез од Грција можат да бараат враќање на дел од ДДВ-то. иако во Грција ДДВ е 24 %, нема да се враќа целата сума.  Па така за сметки од 50 до 69 евра се враќаат 6 евра од данокот, за сметка од 70 до 99 евра се добиваат назад 9 евра, а за сметки од 100 до 119 евра се враќаат 12 евра.

За да се добијат пари од ДДВ треба да се пополни формулар и да се достави до царинските служби при напуштање на земјата, а парите можат да се подигнат од фри-шоп или во некоја од компаниите задолжени за тоа. Инаку, формуларот важи 90 дена, рок во кој може да се побараат парите.

Грчките власти со оваа одлука се надеваат дека ќе се зголеми потрошувачката на странците кои ја посетуваат земјата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top