Центарот за култура во Битола по осми пат го организира „Фестивал на музиката од светот“. Организаторите ја најавија португалската пејачка Тереза Салгуеиро, која ќе биде главна музичка ѕвезда на фестивалот и на 5 октомври ќе ја отвори манифестацијата.
Португалската музичарка, која досега настапувала на сите континенти и во безброј светски градови, доаѓа во Битола. Во светот е позната како вокал на „Мадредеус“, а настапи и како главен јунак во филмот на Вим Вендерс „Лисабонска приказна“. На Акропол настапи со музиката на познатиот полски автор Збигнев Прајснер, но потоа и во Париз, Лондон, Њујорк… Со Тереза разговаравме за музиката, што значи таа за неа, настапите, животот на музичарите, настапот во Битола…
Годинава Вие сте главна музичка ѕвезда на 8. „Фестивал на музиката од светот“, кој се одржува во Битола. Се изненадивте ли од поканата? Како течеа преговорите за Вашиот настап во Битола?
Салгуеиро: Би сакала да истакнам дека бев многу среќна. Не бев изненадена од поканата бидејќи музиката е мојот живот и јас постојано патувам низ светот и ја изведувам мојата музика. Но, сакам да истакнам дека за мене претставуваше голема радост и чест што бев поканета повторно да дојдам во Македонија, каде што ќе настапам на 5 октомври во Битола на „Фестивал на музика од светот“, заедно со моите колеги-музичари и да ја претставам мојата музика. Преговорите за мојот настап ги правеа менаџерите, така што мислам дека не сум вистинската личност која ќе ви каже како е договорен настапот во Битола.
Дали порано имавте слушнато за Македонија и за македонската музика? Познавате ли некои македонски музичари?
Салгуеиро: Всушност, не ги познавам македонската музика и македонските музичари. За Македонија знам многу малку, за жал. На пример, знам каде се наоѓа, се запознав со еден дел од историјата на земјата. Кога ја добив поканата да настапам во Македонија, се заинтересирав и побарав македонски танци и музика на интернет, но не можам да кажам дека ги познавам. Би сакала да имам можност да се запознам со традицијата, културата и со традиционалните танци на земјава. Се надевам дека ќе видам или ќе слушнам традиционална македонска музика или традиционални македонски ора.
На сцената сте 30 години, поточно оваа година прославувате прекрасен јубилеј – 30 години музичка кариера. Што е најважно, според Вас, за еден музичар да успее?
Салгуеиро: Според мене, за еден музичар да успее на сцената, пред сѐ, треба да биде искрен кон својата музика, да е свесен дека музиката е најголемиот предизвик, дека е време да почнеме да правиме нешто бидејќи ние доаѓаме од тишината и треба комплетно да се предадеме себеси на она што го работиме. Музиката е многу сериозна работа и треба да се почитува. Треба да се почитува добрата музика и работата која треба да ја завршиме, да ги почитуваме музичарите со кои настапуваме и секогаш треба да имаме на ум дека музиката е многу поголема од секој од нас кој се занимава со оваа работа. Сите ние постојано се обидуваме да постигнеме многу во музиката. За мене е привилегија и чест да бидам музичар толку многу години на сцената и секогаш се трудам да ја подобрам, да откривам нови правци… За мене музиката е најголема инспирација и сакам што сум музичар секој ден сѐ повеќе и повеќе.
Сте ја делеле сцената со Хозе Карерас, игравте и во филм на Вим Вендерс, сте настапувале во многу европски градови, сте соработувале со многу звучни имиња од областа на музиката… Вашата повеќегодишна посветеност на музиката кулминира со пишување на стиховите за Вашите песни и соработка со музичари кои сами ги одбирате… Кажете ни имаше ли моменти кога сакавте да се откажете?
Салгуеиро: Всушност, имам настапувано на многу места низ светот, не само во Европа. Минатата недела штотуку се вратив од Тајван, каде што настапував со мојот бенд. И сѐ уште многу патувам… во Северна Америка, Латинска Америка, Африка. Не можам точно да набројам, премногу земји сум посетила преку музиката, и тоа е голема привилегија. Исто така, привилегија е тоа што преку музиката запознав прекрасни луѓе, одлични музичари кои ме поканиле да настапувам со нив или да ја изведувам нивната музика, како што беше примерот со господинот Збигнев Прајснер, кој ме покани да ги снимиме албумите „Silence night“ и „Deams“. Потоа дојде моето пишување стихови и музика за моите песни. Навистина е задоволство и привилегија да се пронајдат музичарите што настапуваат сега со мене и кои самата ги одбирав за заедно да ја развиеме идејата да ѝ служиме на музиката и да создаваме музика. Мислам дека ова е навистина многу важно. Ова го правам целиот мој живот – изведувам оригинална музика направена за мене, но не и од мене и сега, конечно, правам моја сопствена музика, и тоа е нешто навистина специјално. Пишувам музика за мене од 2012 година кога бев на турнеја за мојот нов албум, и тоа е, всушност, реалноста, секојдневието на многумина музичари, техничари, продуценти кои работат со мене. Се разбира дека на моменти е многу тешко, но не размислувам да се откажам. Секогаш сум инспирирана и секогаш сакам да одам напред, да растам, да научам повеќе и да се усовршам со што ќе правам подобра и поразлична музика. Јас секогаш сонувам за нови музички идеи кои треба да ги реализирам. Штотуку завршив со снимањето на албумот и бев на турнеја, но веќе имам во главата многу песни кои ќе ги снимам набргу. Не размислувам за повлекување, единствено се надевам дека здравјето ќе ме служи доволно долго за да можам да пеам и да создавам музика и стихови уште долго време.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 218. број на неделникот „Република“, 4.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст