
Зинедин Зидан се соочува со огромни проблеми при составувањето на одбранбената линија на Реал Мадрид откако по Серхио Рамос остана и без услугите на Пепе. Португалецот се повреди за време на дуелот со Алавес и мораше да биде повлечен од игра, а деталните прегледи покажале дека станува збор за повреда од втор степен на бутниот мускул на левата нога, по што се препорачува пауза од најмалку еден месец од терените.
Ова значи дека Пепе ќе ги пропушти дуелите со Легија и Леганес пред репрезентативната пауза, а потоа нема да биде во комбинација ниту за градското дерби со Атлетико Мадрид.
Во таборот на „кралевите“ се надеваат дека Португалецот ќе биде оспособен за настап за „Ел Класико“ на 2 декември, кога Реал Мадрид ќе гостува на „Камп ноу“. Во негово отсуство, а во ситуација кога повреден е и Рамос, за очекување е Начо да добие шанса крај Рафаел Варан во срцето на одбраната на европскиот првак.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


