| четврток, 6 декември 2018 |

Детали за трагедијата во која загина младиот полицаец Александар

СВР Охрид соопшти дека во сообраќајната несреќа што вчера во 17.45 се случи на регионалниот пат Охрид-Струга во близина на „Оровничка плажа“, на самото место животот го загубил Александар С. (26) од селото Горенци општина Дебарца.

Тешки телесни повреди добил Р.А.(39) од Охрид кој поради сериозноста на повредите е префрлен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.

Лицата И.С. (29) и В.Т.(55) двајцата од Охрид добиле лесни повреди и по извршениот медицински преглед во болницата „Св.Еразмо“ се пуштени на домашно лекување.

– Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот, по регионалниот пат во правец од Струга кон Охрид управувал мотоцикл марка „Јамаха“ при што од засега непознати причини се случил директен судир со такси патничко моторно возило „форд мондео“ со охридски регистарски таблици. Од ударот, помеѓу предните делови на мотоциклот и патничкиот автомобил, сега починатиот мотоциклист излетал надвор од коловозот, информираше СВР Охрид.

На местото на сообраќајната незгода е извршен увид во присуство на јавен обвинител, овластен судски вештак, главниот инспектор за сообраќајни работи при СВР Охрид и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.

Увидот почна во 18.10 часот, а заврши во 21.45, при што од страна на полициски службеник се вршеше наизменично регулирање на сообраќајот

По наредба на јавниот обвинител, патничкото возило „форд мондео“ и мотоциклот „Јамаха“ се подигнати за понатамошно техничко вештачење а врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top