| четврток, 6 декември 2018 |

Бактерии, вируси, габи: САД тестирале биолошко оружје над сопствениот народ

На 20 септември во 1950 година Американската морнарица покрај брегот на Сан Франциско употребила џиновско црево да исфрли облак од микроби во воздухот. Војската тестирала како напад со биолошко оружје ќе влијае на 800.000 жители на градот, а тие за тоа немале поим.

Пробите траеле седум дена, со најмалку една жртва. Тоа бил еден од првите поголеми тестови на биолошко оружје извршени во рамки на „програма за тестирање на биолошко војување”, која траела 20 години од 1949 до 1969 година. Целта била „одвраќање на користењето на биолошко оружје против САД и нивните сојузници и одмазда ако одвраќањето не успее” – објаснила подоцна американската влада, пишува „Бизнис инсајдер”.

Од 239 познати тестови извршени во рамки на таа програма, Сан Франциско е специфичен од две причини, тврди др. Леонард Кол, директор на Програмата за ургентна медицина и безбедност на Медицинскиот факултет на Државниот Универзитет во Њу Џерси „Ratgers”, кој за тоа пишува во книгата „Clouds od Secrecy”: The Army’s Germ Warfare Test Over Populated Areas (Таинствени облаци: воени тестови и биолошко војување во населени подрачја): прво, затоа што тоа бил еден од главните тестови и второ затоа што лекарите во болницата Станфорд, неколку дена по тие тестови биле шокирани кога се појавил пациент заразен со бактерија Serratio marcescens, која никогаш не била лечена во болницата и која е ретка во таа област. Пациентот Едвард Невин починал откако инфекцијата го зафатила срцето.

S. marcescens била една од две бактерии кои американската морнарица ги распрскала над заливот во Сан Франциско.

Од Минеаполис до Сент Луис

Војската распрскувала бактерии и разни хемиски супстанции, вклучувајќи го и контроверзниот цинк кадмиум сулфид, за да го истражи ширењето на биолошкото и хемиското оружје. Ниско летечки авиони летале некогаш и блиску до канадската граница и го надлетувале „Средниот Запад” испуштајќи товар над градовите, тврди Кол.

Истото биолошко и хемиско оружје било тестирано и на копно, при што облаците биле испуштани од машини од кровови.

Научниците се спорат околу токсичноста на контроверзното соединение цинк кадмиум сулфид. Една негова компонента, кадмиумот, е многу токсичен и може да предизвика рак. Меѓутоа во заклучокот на извештајот на американската Национална комисија, стои дека тестовите на војската „не го изложиле населението на САД и Канада на ниво на хемиска супстанца која може да се смета за штетна”. Меѓутоа, во истиот извештај исто така се наведува дека заклучокот е изведен врз основ на ограничени тестови на животни.

Во 2012 година Лиза Мартино-Тејлор, професор по социологија од колеџот „Мерамек” во Сент Луис, објави извештај во кој изнесува став дека воените експерименти можат да се поврзат со зголемениот број на заболени од рак меѓу сиромашното, претежно црнечко население во градот Сент Луис, каде бил тестиран цинк кадмиум сулфид.

Во документот од 1966 година стои насловот: „Студија за подложноста на патниците на подземната железница во Њујорк Сити со тајните напади на биолошки агенси”.

Кога е во прашање бројот на луѓето опфатени со тестирањето на биолошките агенси можеби најшокантен е примерот на њујоршката подземна железница, смета Кол.

Во наведената студија воените функционери сакале да ја испитаат брзината со која биолошките супстанци можат да се прошират во подземната железница. Сијалици полни со бактерии фрлале на шините за да видат како ќе се прошират по целиот град.

– Ако ставите билиони бактерии во сијалици и ги фрлите на шини пред возот да влезе во станицата, тие ќе се прошират во воздухот кога возот ќе отиде – вели Кол, при што преку тунелите ќе се прошири и на другите станици.
Облаци се ширеле меѓу луѓето додека возовите заминувале, но извештаите откриваат дека луѓето ја затресувале облеката, погледнувале во вис и продолжувале понатаму. Никој не бил загрижен.

Многу контроверзни тестови

Уште еден контроверзен експеримент кој го опишува Кол во книгата се однесува на тест изведен во Центарот за снабдување на американската морнарица во базата Норфолк. Авторите на експериментот наполниле сандуци со габички спори за да видат како тие ќе влијаат на луѓето кои ќе ги отвараат сандуците.

Кол пишува дека „делови од извештајот за воениот експеримент во 1951 година, кој се однесува на Аspergillus fumigatus… наведуваат на заклучок дека војската намерно изложила огромен број на црнцни на овој организам”.

Многу вработени во центарот за снабдување биле црнци. Во воениот извештај кој Кол го цитира научниците тврдат дека се подготвуваат за напад кој можеби ќе биде насочен на црнечкото население. – Бидејќи црнците се чувствителни на габичката Coccidioides, симулирано било ова габично заболување – се наведува.

Тестовите ги открил неочекуван извор

Во 1979 година „Вашингтон пост” објавил натпис за експериментите во Заливот Тампа во 1955 година, во кои била ослободена бактерија која предизвикува голема кашлица. Официјалните податоци покажуваат дека бројот на заболените од оваа кашлица се зголемил од 339 (едно лице починало) на 1080 (12 лица починати) во 1954 година.

Меѓутоа, единствен доказ за овој експеримент е резултатот од истрагата на Саентолошката црква, која основала организација под името „Американски граѓани за чесна влада”. Таа организација ги истражувала контроверзните експерименти зад кои стоеле војската и ЦИА и објавила низа документи кои се однесуваат на експериментите кон крајот на 1970-тите години. Кол вели дека ја разбира сомнителноста кај некои луѓе во однос на доверливоста на тие извештаи, но дека „во овој случај немам причина да верувам дека тие не се точни”.

Што дознавме

Воените претставници биле повикани да сведочат пред Конгресот во 1977 година, откако било обелоденето дека се вршени експерименти со биолошко оружје.

Тие притоа рекле дека утврдувањето на степенот на подложноста на САД на биолошки напад „барало опширни истражувања и развој за да се изведат заклучоци за повредливоста, ефикасноста на нашите заштитни мерки и за тактичката и стратешката способност на различни агенси и системите за нивно ширење”.

Што се случува сега?

Кол вели дека сосема е логично луѓето да се прашаат што се случува сега. Ако тајните тестови тогаш можеле да се изведат, зошто не би можеле и сега? Дали тие и денес се спроведуваат?
Кол не верува во тоа.

– Не би можел да се заколнам дека денес не се случува ништо забрането, но врз основ на тоа што го знам немам впечаток дека постојат забранети активности кои значат изложување на опасност на голем број на луѓе, како што тоа било случајот во 50-тите и 60-тите години од минатиот век – вели тој.

Меѓутоа, новите извештаи покажуваат дека експериментите во оваа област траеле подолго од што се претпоставувало.
Во 2001 година „Њујорк Тајмс” објавил проекти за тестирање на биолошко оружје кое почнало за време на администрацијата на Клинтон, а продолжило за време на втората администрација на Буш. Договорот од 1972 година теоретски забранил развој на биолошко оружје, но програмата ја оправдува со аргументот дека треба да се проучи новото оружје за да се развие соодветна одбрана.

– Војната против тероризмот донесува нова загриженост – смета Кол.
По нападот со антракс во 2001 година во истражувањето на биотероризам биле вложени дури 1,5 милијарди долари. Во 2004 година Конгресот одобрил уште еден проект за истражување на биотероризам во износ од 5,6 милијарди долари.

Иако биле наменети за заштита на општеството од опасност која ја носат биолошките агенси, тие можат да имаат несакани последици – вели Кол.

– Илјадници и илјадници луѓе дознаа за патогените за кои порано не знаеле. Денес има многу повеќе луѓе кои тие организми можат да ги злоупотребат, а доволно е само еден човек – рече Кол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top