| четврток, 6 декември 2018 |

Кој ја создаде најпознатата фризура на Јованка Броз?

Препознатливата фризура на Јованка Броз, високиот кок, беше сметана за модерна фризура која ја обожуваа светски ѕвезди, како и за предмет на потсмев, но извесно е дека остана запаметена.

Таа е дело на хрватската фризерка Иванка Роксиќ, која ја создаде својата креација при посетата на првата дама на поранешна СФР Југославија на нејзиниот салон во хотелот „Бристол“ во Тузла, во 1966 година.

– Другарот Тито и Јованка допатуваа во Тузла во посета на рударите во 1966 година и отседнаа во хотелот „Бристол“. Другарката Јованка го здогледа фризерскиот салон и се изненади, бидејќи тогаш само најдобрите хотели имаа салони. Таа веднаш ми понуди пијачка, побара лимонада, а јас испив пиво. Кажаа дека Јованка има сопствена фризерка во придружбата, но имав чувство дека ќе дојде кај нас за да направи фризура. Јас бев самоуверена, бидејќи бев наградувана фризерка. Знаев и дека Јованка има убава коса, па ми беше вистински предизвик да ја средам фризурата по нејзина желба – објаснува Роксиќ за хрватските медиуми.

Фризерката истакна и оти Јованка Броз била пријатна и расположена за разговор, додека таа ја средувала нејзината коса, и покрај тоа што посетата се одолжила поради бојадисувањето на косата.

– Во тоа време немавме многу препарати за коса. Ја бојадисав косата на Јованка во црно, со словенечка боја, и испадна убаво. Таа беше вита млада жена, која инсистираше на висока пунџа. Со прави зафати со чешел и со малку тапирање, таа доби авторитативна фризура, но не престрога. Многу ѝ се допадна – вели некогашната фризерка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top