| четврток, 6 декември 2018 |

Градот кој на Голема Богородица го чека проколнатиот едреник

Шпанскиот пристаништен град Картахена на католичкото одбележување на празникот Голема Богородица го исчекува покажувањето на проколнатиот едреник кој локалното население го потсетува на судирот меѓу муслиманскиот и христијанскиот свет кој е актуелен и денес во Европа.

Во заливот пред Картахена, кога молњите во ноќта ќе го осветлат морето, на хоризонтот може да се виде привидението на едреникот потопен на тоа место пред 407 години, кажува легендата којашто се пренесува со генерации.

Тоа е приказна во којашто и денес веруваат старите луѓе, велат помладите. Ја слушале кога биле мали па и денес љубопитно гледаат кон заливот кој е заштитен од високите карпи.

По инвазијата на Маварите од северна Африка, шпанските владетели по неколку векови во рамките на реконквистата ја повратиле власта, а Картахена повторно ја заземале во 1245 година.

Четири векови подоцна благородникот Луис Гаре се вљубил во исто така благородничката Ленор де Оједо, но таа љубела друг маж познат како Карлос Ларедо. Ларедо всушност бил потомок на Арапи и неговото вистинско име било Јусуф бен Али.

Шпанците во тој период ги покрстувале луѓето како него, познати под називот „Морискос“, а Јусуф тајно, без никој за тоа да знае, го земел христијанското име поради љубовта кон благородничката. Кога тоа го открил, љубоморниот Гаре ги пријавил, а шпанската Инквизиција го погубила Јусуф на клада.

Тагата на благородничката била голема, но не како на Фатима, сестрата на Јусуф. Таа го завела Гаре за да му се одмазди, настојувајќи да го однесе на галија каде што ќе весла до крајот на животот. Благородникот се разбудил окован во пранги во потпалубата на едреникот. Во темнината успеал да се ослободи, а кога видел каде е земал факел и случајно предизвикал пожар. Огнот го зафатил барутот и во експлозијата сите загинале.

Се случило тоа во 1609 година, една година пред Шпанците преку пристаништето во Картахена да ги протеруваат потомците на Маварите во обратен правец.

Денес Картахена е трговско и воено пристаниште, меѓутоа масовниот туризам последните децении го промени гардот и околните места. Уредените ресторани, кафулиња, плажи и музеи се во понудата за туристите. А, легендата за едреникот младите не ја знаат, па ја нема во промотивните материјали. Сепак, таа и натаму живее во разговорите на старите луѓе, а кога сонцето ќе зајде на Голема Богородица, гледаат кон хоризонтот за да го здогледаат проколнатиот брод.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top