| четврток, 6 декември 2018 |

Седлоски: Многу лесно му дозволувавме на Динамо да се врати во игра

sedloski

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Гоце Седлоски не го криеше разочарувањето по новиот пораз и во вториот натпревар со Динамо Загреб и елиминацијата на македонскиот шампион уште на стартот од квалификациите за Лигата на шампионите.

Според Седлоски, „вардарци“ премногу лесно, по двете водства, му дозволиле на противникот да се врати во игра…

– Мислам дека премногу лесно, при наше водство, дозволувавме Динамо да се врати во игра. А, екипа како Динамо сигурно веднаш знае тоа да го казни. Не навлегува сега во тоа дали беа пеналите, но едноставно вториот пенал веќе и психички делуваше на играчите кои очигледно по тоа не можеа да се вратат. Во секој случај, задоволен сум што на двата натпревари Вардар покажа дека може рамноправно да се надигрува со екипа која постојано игра во групната фаза од натпреварите во европските натпреварувања – истакна Седлоски по мечот на „Максимир“.

Од друга страна, Златко Крањчар, пак, максимално задоволен од својот тим и фактот дека продолжува во Европа во обидот за ново учество во групната фаза од Лигата на шампионите.

– Знаевме дека ќе биде тешко затоа што Вардар не е наивен противник. Но, повторно примавме голови по наши грешки, а не дека противникот одигра нешто посебно. Најпрво шут од 30 метри, а потоа и автогол. Сепак, умешно веднаш имавме одговор и на крајот заслужено стигнавме до победата. Очекувам на следните натпревари игрите да бидат подобри – рече Крањчар на прес-конференцијата по мечот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top