| четврток, 6 декември 2018 |

„Фауст“ е тестамент

На вечерашното гостувања на „Фауст“ во МНТ директорот Дејан Пројковски најави гости, театарџии од Србија, Црна Гора, Албанија...

Претставата „Фауст“ на Словенско народно гледалишче, а во режија на прерано починатиот Томаж Пандур која вечерва ќе гостува и со која ќе се затвори третиот „МНТ-фест“ (20 часот, Македонски народен театар) е тестамент. Тестамент за претставата, за Гете кој цел живот го пишувал „Фауст“, а Томаж и Ливија Пандур се занимавале со „Фауст“ од почетокот на нивната работа. Ова е претстава за крај на крајот, за иделаниот свет, за уметноста и научникот кој сака да го спознае битот, суштината, што е она што го покренува светот.

„Фауст“ е последната претстава на словечениот режисер кој ненадејно почина во Скопје пред два месеци. Пандур во МНТ требаше да ја режира претставата „Кралот Лир“ и почина ненадејно, на втората проба. Театарскиот свет беше потресен од смртта на големиот Пандур, а уметноста изгуби голем режисер со визија која ретко кој ја разбираше.

Livija Pandur

Ливија Пандур

– Тешко ми беше да се вратам во Скопје, во МНТ. Ми беше страв да се соочам со тоа што се случи. За овој театар ме врзува нешто што тешко се опишува. Мислев дека следната прес-конфренција со вас денеска ќе биде за соништата на Лир, ќе зборуваме за тоа – изјави Ливија Пандур, сестра на Томаж Пандур. Ливија и Томаж во последните години најчесто престојуваа во Шпанија, каде што го основаа „Пандур театар“. Овој театар брзо се наметна со својата програма на европски и светски театар.

Многу емотивно беше излагањето на сите гости од Словенско народно гледалишче на денешната прес-конфренција. Сите говореа за делото на славниот режисер чии претстави се гледаа и беа наградувани секаде во светот. Последната негова претстава „Фауст“, според зборовите на директорот на Словенско народно гледалишче повеќе играла на гостувања, отколку во Словенија.

mnt-pres

– Тој секогаш стоеше зад сцената, ни даваше сила и моќ, а сега го нема. Тешко е да се зборува за него дека бил, а тој е присутен во секоја претстава. Секој актер посакува во својата кариера да работи со режисер кој ќе создава само убавни. Таков беше Пандур – изјави Полена Јух, која во „Фауст“ го толкува ликот на Маргарет.

МНТ на Пандур постхумно ќе му додели награда за исклучителни достигнувања во областа на театарот. Наградата му се доделува за целокупниот опус и креативноста која ја остави зад себе. За него се вели дека ако Никола Тесла е гласник на модерната технологија, тогаш Пандур и неговите проекти го најавуваат театарот на новиот милениум.

faust

– Знам дека Томаж е со нас и мислам дека би бил среќен за наградата – рече Ливија Пандур.

И актерите веруваат дека вечерва во МНТ Пандур ќе биде приустен.

– Знам дека е тука и не гледа. Ќе биде со нас на претставата. Жал ми е за театарот бидејќи изгуби личност кој можеше многу да направи за него – рече Бранко Штурбеј, кој го толкува ликот на Мефисто во „Фауст“.

На вечерашното гостувања на „Фауст“ во МНТ директорот Дејан Пројковски најави гости, театарџии од Србија, Црна Гора, Албанија…

– Ова ќе биде можност театарските работници од регионот да се поклонат на делото на Пандур – рече Пројковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top