Целта е остварена – Македонија ќе биде дел од Светското првенство што следниот јануари ќе се одржи во Франција. Заслужни има многу, но овој натпревар ќе остане запаметен и како последен во репрезентативните кариери на Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски, двата аса што оставаат зад себе огромна трага врз македонскиот репрезентативен ракомет.
-Благодариме за огромната поддршка, да бидам искрен не се надевавме дека салата ќе биде преполна поради слабите резултати во последно време. Мислам дека еден дел, и поголем дел од тоа проклетство денеска е покриена со овој пласман на мундијалот. Што да кажам, оваа генерација заслужува уште многу успеси, уште поголеми успеси, доаѓаат генерации кои доаѓаат по нас и кои заслужуваат да играат. Истото ни се случи нас пред околу 18 години кога јас настапив првпат, бевме млади момци кои дојдоа на сцена по смената на генерација по СП во Египет. Се боревме за тој континуитет. Мислам дека дадовме многу за оваа нација, за оваа репрезентација, повеќе се радувавме отколку што тажевме. Како држава се наоѓаме во период во кој имаме малку причини за радост, мило ми е што денеска ги израдувавме сите граѓани на Македонија – изјави Мојсовски.
Судбината сакаше токму Наумче да ја има топката во раце при последниот напад, тој тргна храбро кон противничкиот голман и ја смести топката во мрежата, трасирајќи го патот кон Франција.
-Бев сигурен во себе, и дваесетина секунди претходно имав можност, но не сакав да избрзам за евентуално да не им дадам шанса на спротивната страна. Кога ми се отвори простор само тргнав, чекав голманот да се крене и реализирав. Немав ниту ронка сомнеж, знаев дека Господ ќе ми даде да го погодам тој клучен шут, како награда за сето она што заедно со Миркуловски го одработевме за оваа репрезентација во овие дваесетина години“ – истакна Наумче Мојсовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.