| четврток, 6 декември 2018 |

Општина Штип ја започна битката со узурпаторите на јавни површини

Викендов во Штип започна акцијата за отстранување на бесправно поставените бараки, киосци и трафики во градот.

Во првата фаза од оваа акција Општина Штип, заедно со ЈП „Стипион 2011“, отстранија 5 времени објекти.

На барање на сопствениците, три од отстранетите објекти беа дислоцирани на приватни парцели, додека, пак, другите беа дислоцирани во дворот на ЈП „Стипион 2011“-Штип. До сопствениците на овие времени објекти Општина Штип испрати известување дека треба да ги подигнат своите времени објекти, а, исто така, и да ги платат трошоците за нивната дислокација.

Во втората фаза од оваа акција предвидено е отстранување на масите и на столчињата што се бесправно поставени на пешачките зони и тротоарите во градот од страна на штипските угостители.
Преку оваа акција Општина Штип има цел да упати порака до сите субјекти дека законот мора да се почитува и дека мора веќе еднаш да се престане со узурпацијата на јавните површини.

Изминатите децении во Штип беше евидентно поставувањето времени објекти во строгиот центар на градот, како и узурпирање на површините наменети за пешаци од страна на штипските угостители, кои со поставување маси и столчиња по тротоарите ги присилија пешаците наместо по нив да се движат по улиците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top