| четврток, 6 декември 2018 |

Почна со работа Комисијата за отповикување на претседателот Иванов

Комисијата за отповикување на претседателот Ѓорге Иванов денеска ја почна расправата за оценување на основаноста на предлогот за поведување постапка за утврдување на неговата одговорност за одлуката за аболиција.

иванов

Членовите на Комисијата од опозицијата побараа Иванов да дојде на седницата на што се спротивставија нивните колеги од владејачкото мнозинство.

Според Рената Треневска – Дескоска од СДСМ, со акциите за помилување Иванов ја продлабочил политичката криза, ја злоупотребил функцијата и прекршил неколку одредби од Уставот.

Претседателот немал правна основа да донесе помилување без да биде претходно спроведена постапка, смета Треневска Дескоска.

Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека барањето на опозицијата за отповикување на Иванов е неиздржано и негова цел е да се удри врз институцијата претседател. Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката на претседателот Иванов е уставна и издржана.

За барањето Иванов да присуствува на седницата на Комисијата, Светлана Јакимоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема основа што им дава право да го повикаат претседателот на седницата. Тој може да испрати писмено изјаснување за постапката, вели Јакимоска.

Комисијата, која го разгледува предлогот на опозицијата покренување постапка за утврдување на одговорноста на претседателот Иванов, има рок до понеделник да подготви финален извештај што потоа треба да го образложи на пленарна седница во Собранието.

Комисијата брои 11 члена. Претседател е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чијашто пратеничка група има уште пет члена, а по два члена се од ДУИ и од СДСМ и еден од ДПА.

СДСМ реагираше дека не е соодветен бројот на членови и предлогот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ да биде претседател на Комисијата поради што поднесе тужба до Управниот суд за оспорување на Комисијата.

Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.

Кабинетот на Иванов вчера соопшти дека дотогаш нема пристигнато ниту едно барање за поништување на помилување од лицата, чиишто помилувања не беа опфатени со новата одлука на претседателот.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на Иванов треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top