| четврток, 6 декември 2018 |

Компанијата за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х во „X-Meн Апокалипса“

Македонската компанија за визуелни ефекти и анимација ФХ3Х во соработка со студиото МПЦ Техниколор од Лондон, учествуваше во креирањето на визуелната магија на Х-Мен Апокалипса, најновиот проект на Брајан Сингер…

Филмот франшиза за мутантите со супер моќи од утре ќе започне да се прикажува во Скопје, една недела пред американската премиера.Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х изјави дека овој проект е особено возбудлив бидејќи има спектакуларни ефекти, на кои работеле буквално до пред четири недели, во една, како што посочува, извонредна организација со нивниот клиент МПЦ Техниколор од Лондон.

Проектот траеше од 10 јули 2015 до 15 април 2016 и на него работеше тим од 90 артисти, вкупниот обем на работа е околу 20 минути, посочуваат од ФХ3Х.

– Често зборуваме дека ефектите се во функција на динамиката на дејството во филмот, за да го зголемат доживувањето на гледачите и да им овозможат добра забава на фановите. Ова продолжение нема да разочара, особено што еден од централните ликови во претходните делови, Магнето, сега преминува во тимот на негативците, или дали е така? Останува да погледнеме заедно на 19 мај, изјави Даниловски.

Следејќи го успехот на глобалниот хит X-Men: Days of Future Past, режисерот Брајан Сингер се враќа со Х-Мен: Апокалипса. Од почетокот на цивилизацијата Апокалипс е третиран како Бог, првиот мутант од Марвеловиот универзум на Х-Мен, собирајќи ги моќите на многу други мутанти, станува бесмртен и непобедлив. По илјадници години се буди без илузии за светот кој го затекнува, и собира тим на моќни мутанти, вклучувајќи го обесхрабрениот Магнето, кои му помагаат да го пречистат човештвото и да создадат нов светски поредок со кој тој ќе владее.

Судбината на Земјата станува неизвесна, и Равен (Џенифер Лоренс) со помош на Професор Џ (Џејмс МекАвој) мора да оформат и да предводат тим од млади Х-Мен за да ја спречат несреќата и да го спасат човештвото. Х-Мен: Апокалипса ја реобединува успешната екипа на Сингер и сите ѕвезди од X-Men: Days of Future Past, вклучувајќи ги Џејмс МекАвој, Мајкл Фасбендер и Џенифер Лоренс, заедно со новите во франшизата – Оскар Ајсак и Оливиа Мун.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top