| четврток, 6 декември 2018 |

Ревија на кинески филмови во Кинотека на Македонија

Кина е држава што се одликува со широк спектар на различни и богати култури. Еден аспект на кинеската култура е нејзината богата кинематографија. Продукциската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и медија“ преку проектот „Ревија на светските кинематографии – Кина“ го подотвора прозорецот за кинеските културни вредности со цел да изгради културен мост меѓу Македонија и Кина и да го доближи кинескиот филм до македонската публика. Со таа цел, од 16 до 20 мај во Кинотеката на Македонија организираме „Ревија на кинески филмови“. Во рамки на ревијата ќе бидат прикажани пет филмови од кинеската кинематографија.

Филмската лента ќе почне да се одмотува во понеделник од 20 часот со проекција на играниот филм „Нарушувајќи ја тишината“ од 2000 година, во режија на Џоу Сан. Ова е драма за една мајка, која ќе направи сè да му овозможи добар живот на нејзиниот син кој има проблеми со слухот.

Следниот ден во 20 часот ќе игра играниот „Двајца стануваат еден“ од 2006 година, во режија на Винг-чеонг Лоу. Станува збор за моќна одисеја на една жена која се бори со рак на дојката.

Во среда од 18 часот ќе биде прикажана акциската комедија „Мал голем војник“ од 2010 година, во режија на Шенг Динг. Филмот е по сценарио на Џеки Чен, кој се појавува и во главната улога.

Четврток (18 ч.) е резервиран за уште една  акциска комедија – „Мој личен мечувалец“ од 2011 година, во режија на Џјинг Шанг. Филмот е снимен според истоимената серија од 2006 година која беше голем хот во Кина.

Ревијата завршува во петок со филмот „Лотосов фенер“, екранизација на позната кинеска легенда, кој во 17,00 ч. ќе можат да го проследат најмладите и оние кои сакат да се запознаат со кинескиот фолклор.  Филмот во режија на Чанг Гуангшји е победник во категоријата „најдобар анимиран филм“ за наградата „Златен петел“ ,која ја доделува Кинеската филмска асоцијација.

Проектот е реализиран во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На отворањето ќе се обрати кинескиот директор на Институтот „Конфуциј“, проф. д-р Денг Шиџонг.

Проектот „Ревија на светските кинематографии“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.

Се надеваме дека со овој проект ќе се продлабочи вашето разбирање и љубов за кинеската култура и дека ќе заминете со нови сознанија и длабоки и трајни впечатоци за Кина.

 

16 мај (понеделник) 20:00 ч.
НАРУШУВАЈЌИ ЈА ТИШИНАТА
(Breaking the Silence)
Игран филм, Кина
2000 г., 90 мин., колор
Режија: Џоу Сан (Zhou Sun)
Сценарио: Хенг Лиу, Шјаоли Шао, Хенг Лиу (Heng Liu, Xiaoli Shao, Heng Liu)
Улоги: Ли Гонг, Шјин Гао, Џјинг-минг Ши, Јуе Гуан (Li Gong, Xin Gao, Jingming Shi, Yue Guan)

Гонг Ли ја игра главната улога во оваа драма. Таа за овој филм ги има добиено сите главни филмски награди во Азија, како и наградата за најдобра актерка на Меѓународниот филмски фестивал во Монтреал. Оваа врвна кинеска актерка има одиграно главни ролји во најзначајните и најнаградуваните кинески филмови како што се „Џудоу“ (номинација за Оскар), „Црвен Сирак“ (Златна мечка во Берлин) и „Збогум моја конкубино“ (Златна палма во Кан). Пошироката публика ќе ја препознае по улогите во холивудските хитови „Пороците на Мајами“ во кој играат и Колин Фарел и Џејми Фокс и „Мемоарите на една гејша“ во кој главната улога ја игра нејзината сонародничка Џанг Ѕији.
17 мај (вторник) 20:00 ч.
ДВАЈЦА СТАНУВААТ ЕДЕН
(2 Become 1)
Игран филм, Кина
2006 г., 98 мин., колор
Режија: Винг-чеонг Лоу (Wing-cheong Law)
Сценарио: Ајви Хо, Чи Кенг Фунг (Ivy Ho, Chi Keung Fung)
Улоги: Мирјам Чин Вах Јеунг, Ричи Џен, Џо Кук (Miriam Chin Wah Yeung, Richie Jen, Jo Kuk)

Обична чиновничка по име Бинг, која води безгрижен градски живот составен од грижа за растението во нејзината канцеларија, состаноци и озборувања со трите пријателки. Сепак, нејзиниот безгрижен живот наскоро се превртува наопаку, кога ќе пронајде „грутка“ на својата дојка. Сè почнува да се распаѓа, додека таа се обидува да се справи со битката за женственоста, преку серија на горчливо-слатки настани. Со помош на доктор В. и срамежливиот, но талентиран тинејџер Синг, таа наоѓа нови предизвици во животот и волја да се соочи со сопствените демони…
18 мај (среда) 18:00 ч.
МАЛ ГОЛЕМ ВОЈНИК
(Little Big Soldier)
Игран филм, Кина
2010 г., 96 мин., колор
Режија: Шенг Динг (Sheng Ding)
Сценарио: Џеки Чен
Улоги: Џеки Чен, Лихом Ванг, Сунг-јун Јо, Пенг Лин (Jackie Chan, Leehom Wang, Sung-jun Yoo, Peng Lin)

Две војски се судираат во древен воен град во Кина; никој не преживува, освен еден млад генерал од кралскакуќа и еден фармер од пешадијата, кој го обврзува паднатиот лидер да го одведе дома и да земе награда. Многумина им застануваат на патот до дома: напуштена пејачка, братот на благородникот кој сака да ги убие, очајни просјаци, груби трговци со робови и луѓе со различна агенда. Во текот на патештествието, како што крајот на нивниот пат се наближува, тие двајцата се зближуваат…

19 мај (четврток) 18:00 ч.
МОЈ ЛИЧЕН МЕЧУВАЛЕЦ
(My Own Swordsman)
Игран филм, Кина
2011 г., 95 мин., колор
Режија: Џјинг Шанг (Jing Shang)
Сценарио: Чаи Шен Нинг (Cai Shen Ning)
Улоги: Ни Јан, Чен Јао, Ји Ша, Ентаи Ју( Ni Yan, Chen Yao, Yi Sha, Entai Yu)
Во 2006 година, комичната серија МОЈ ЛИЧЕН МЕЧУВАЛЕЦ беше голем хит. Пет години по премиерното прикажување на серијата – беше снимена и оваа филмска адаптација.
Станува збор за социјална сатира, маскирана во филм за боречки вештини. Филмот ги следи животите на луѓето од ресторанот „Тонг Фу Ин“: сопственикот Тонг Шианг Ју, темпераментната келнерка/ќерка на врвниот борец Гуо Фу Ронг, поранешниот крадец и келнер Баи Жанг Танг, како и сметководителот на ресторанот, експерт за игри со зборови – Лу Ши Каи. Нивните неволји почнуваат кога Фу Ронг го ослободува боречкиот бес кон еден поранешен владин претставник, кој – откако за малку не умира од рацете на персоналот на ресторанот – тој решава да остане во градот и да направи голема измама со недвижности. Во меѓувреме, го најмува и убиецот Ји Њу Ли за да му се одмазди на персоналот на ресторанот. Но тој не знае дека и самиот Ли сака да го убие персоналот – од сопствени причини…
20 мај (петок) 17:00 ч.
ЛОТОСОВ ФЕНЕР
(Lotus Lantern)
Анимиран игран филм, Кина
1999 г., 85 мин., колор
Режија: Чанг Гуангшји (Chang Guangxi)
Сценарио: Давеи Ванг (Dawei Wang)
Гласови: Вен Џјанг, Фан Шју, Пејси Чен (Wen Jiang, Fan Xu, Peisi Chen)
Приказната се базира на кинескиот фолклор за момче по име Ченшианг.
Неговата мајка Саншенгму била божица, а татко му Лиу Јанчанг смртник. Откако ја забраниле нивната венчавка, неговиот вујко Ерланг Шен, исто така бог, ги казнил со тоа што го убил татко му. Саншенгму родила во бегство, а Ченшианг пораснал не знаејќи ништо за своите претци.
Мајка му поседува магичен лотосов фенер чија светлина може да го истера злото. Кога Ерланг Шен ќе го киднапира Ченшианг, мајка му се бори за да го спаси. За жал, Ерланг Шен победува и Ченшјанг мора да живее во неговата палата на светите планини, а мајка му ја заробува. Иако многу млад, Ченшјанг успева да избега од палатата, заедно со магичниот лотосов фенер. Откако ќе ги преживее сите авантури во многу ликови од кинеската митологија, Ченшјанг израснува во храбро момче кое мора да се бори со Ерланг Шен за да ја ослободи мајка си и во исто време се вљубува.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top