| четврток, 6 декември 2018 |

Деветти научен собир на млади македонисти

На 12 и на 13 мај (четврток и петок) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе се одржи Деветтиот научен собир на млади македонисти – Конференција во чест на Лилјана Минова-Ѓуркова.

Првиот научен собир на млади македонисти се одржа на 20 и на 21 мај 1993 година на Филолошкиот факултет во Скопје. Иницијативата за организирање на ваков собир ја даде проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, член на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, која, пак, едногласно ја усвои и ја презеде обврската за организација на собирот.

Основниот концепт на собирот беше тој да претставува научна средба на млади научни работници, чијашто прва или втора специјалност е македонскиот јазик, со идеја да се одржува на секои две години и да прерасне во традиција на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Идејата се оствари со следниов редослед: во 1995 година се одржа Вториот научен собир на млади македонисти, 1997 година – Третиот, 1999 година – Четвртиот, по кој дојде до прекин во динамиката од оправдани причини.

Традицијата се обнови во 2006 година со одржување на Петтиот научен собир, по кој следуваше Шестиот – 2008 година, Седмиот – 2010 година и јубилејниот Осми – 2013 година. На овие собири учествувале над 350 млади научни работници.

На овогодишниот собир свои реферати пријавија над 30 млади научници од земјава и од странство. По официјалното отворање на Конференцијата ќе се промовираат зборниците со реферати од Седмиот и од Осмиот собир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top