За само 24 часа откако беше објавен огласот за доброволци што сакаат да заминат на Марс без можност да се вратат на Земјата, се пријавиле 10.000 луѓе! Патувањето би требало да се оствари за десетина години, а до тогаш ќе мора да се најдат спонзори што ќе го финасираат сето тоа.
– Денес тргнуваме во потрага за жители на Марс. Бараме луѓе од сите нации. Првата посада ќе слета во 2023 година, а потоа нови екипи ќе се праќаат на секои две години – соопшти директорот на фондацијата Марс Оне, Бас Лансдорп.
Големиот интерес за бегство до Земјата ги изненади и организаторите. Тие што ќе бидат одбрани ќе бидат свесни дека нема враќање. Ќе им бидат соопштени сите услови, па пред да тргнат самите треба да решат дали ќе одат или не. Таму ќе им биде се подготвено за новиот живот, кој ќе биде следен со камери и пренесуван на Земјата како реално шоу.
Тие луѓе ќе живеат во мали сместувачки единици за четири лица. Ќе мора да бидат сигурни дали е тоа вистинското време да станат родители. Ние мислиме дека за деца ќе треба да се решат откако на Марс ќе има 30 луѓе, вели директорот на програмата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


