| четврток, 6 декември 2018 |

Квалификациите за Рио се историски за Македонија

Ова не е само историски турнир на нашата генерација, ова е турнир за историјата на Македонија затоа што, за жал, мислам дека по нас, по нашата генерација репрезентативци, тешко ќе може некоја репрезентација во машка или во женска конкуренција и во кој било спорт да го повтори успехот, односно да стигне до квалификации за Олимписки игри или да биде олку блиску до најголемиот спортски настан во светот

Македонската ракометна репрезентација и Македонија воопшто е пред историски успех, пласман на Олимписки игри во една репрезентација во екипен спорт. Може ли да се каже дека овој турнир во Гдањск е историски за оваа селекција на ракометари?

Ристовски: Морам малку да те поправам. Ова не е само историски турнир на нашата генерација, ова е турнир за историјата на Македонија затоа што, за жал, мислам дека по нас, по нашата генерација репрезентативци, тешко ќе може некоја репрезентација во машка или во женска конкуренција и во кој било спорт да го повтори успехот, односно да стигне до квалификации за Олимписки игри или да биде олку блиску до најголемиот спортски настан во светот. Ќе повторам, за жал, но тоа е суровата реалност. Тоа треба сите да го сфатиме и не треба да создаваме лажни надежи кај народот во оваа држава и да веруваме во нешто што, реално, не е достижно во блиска иднина.

 

Што е со оние младински школи што се формираат во Македонија, сѐ повеќе деца се приклучуваат кон ракометот, можно ли е во брзо време да се најдат наследници на еден Кире, Борко, Наумче, Филип…?

Ристовски: Во моментов, двата најголеми клуба од нашата држава, Вардар и Металург, отвораат младински школи. Сепак, мислам дека сето тоа повеќе е искомерцијализирано отколку што е квалитетно, и дека не дава резултати за да можеме ние подоцна да црпиме играчи и поединци. За жал, тоа е вистината. Сите ние треба што побрзо да сфатиме и што побрзо да се освестиме за состојбата и да почнеме навистина да работиме на создавање на таленти и на идни генерации ракометари, затоа што мислам дека нашата иднина, особено иднината на машкиот ракомет, нималку не е розова.

Borko-Ristovski-sport188-3

Подготовките за турнирот во Гдањск се кратки. Колку е неопходна минутажата на секој ракометар-поединец во својот клуб за споредување на квалитетни тренинзи со репрезентацијата?

Ристовски: Во минатото, костурот на репрезентацијата доаѓаше од еден-два клуба. Да не бидам сфатен погрешно, но проблемите што му се случија на Металург, од каде што се црпеа повеќето репрезентативци, е добро за националната селекција. По проблемите што се појавија во Металург, речиси сите репрезентативци заминаа во странство. Додека тренираме, начинот на живот е многу посериозен. Сите живееме за спортот и околу спортот. На ракометот му приоѓаме попрофесионално, повеќе се цени тимскиот дух, тимската игра. Сите ние сме позрели за работа во една средина во која доаѓаме од повеќе места. Сега, сите веќе играме во посилни лиги во странство. Колку и да е силен еден колектив во Лигата на шампионите и колку и да има добри резултати, ако нема силни натпревари во домашното првенство, сето тоа се сведува на еден просек. Јас моментно настапувам во Бундеслигата и секој втор, трет ден имам тежок натпревар. Тоа е можност за задржување на концентрацијата и така полесно се остваруваат целите. Не е потребно да се одржува формата само за мечевите од Лигата на шампионите или за репрезентативните собири. Притисокот е постојан и подготвеноста е на високо ниво. Сметам дека сите што заминаа надвор од Македонија се подобри играчи, носат свои искуства во репрезентацијата, попрофесионално се однесуваат кога го носат дресот со националниот грб и иако ваквите подготовки се кратки, имаме доволно време тактички да исправиме некои мали грешки и максимално спремни да отпатуваме во Гдањск.

 

Противниците во квалификациите за ОИ во Полска се познати. Против нив може да се игра и да се дојде до резултат. Што може да очекуваме или што е тоа што е сменето од последното Европско првенство за да се стигне до историски успех?

Ристовски: Многу е лесно да се зборува дека ние драстично ќе ги смениме играта и пристапот кон секој противник поединечно. За да се промени нешто треба многу работа, многу време. Според мене, не е паметно да се менува нашиот начин на работа и стилот на игра. Со нашиот препознатлив стил оваа репрезентација ги има постигнато сите наши најголеми успеси. Некој можеби и нема да се сложи со тоа, но ако сакаме да бидеме големи како останатите, треба она малку што го имаме да го правиме перфектно. Целта е тој квалитет што го имаме да го донесеме до совршенство и да можеме да функционираме како единка. Точно е дека противниците нѐ скенираат и учат за нас и се обидуваат да ја прочитаат нашата игра и да постават противигра во одбраната, но целта е да наоѓаме нови решенија во текот на еден напад или во текот на еден меч. Да наоѓаме начини со кои можеме да постигнеме гол повеќе од противникот.

Јавноста не треба да очекува некоја голема промена во играта. Треба да бидеме борбени, пожртвувани и фоксурани во сите 60 минути, нешто што нѐ красеше досега. Тоа никогаш не изостанало и ќе продолжи, секако, и на турнирот во Полска.

Borko-Ristovski-sport188-4

Јавноста предвидува дека мечот за Олимписките игри е оној против Тунис. Сепак, треба да се одигра максимално концентрирано и против Полска и, секако, против Чиле.

Ристовски: Знаете како, за секоја работа во сите сфери од животот, веројатно, треба да имате план. Според мене, треба да имаме план како ќе настапиме во овие квалификации за ОИ во Рио. Да не се занесуваме многу. Не треба да кажеме дека по секоја цена ќе одиме на три натпревари на победа. Тоа е пеколно тешко бидејќи да се одиграат три натпревари во три дена на исто ниво е, речиси, невозможно. Македонија има поголем ростер на играчи од минатото, но немаме еднаков квалитет кај сите репрезентативци. Главниот товар повторно ќе падне на оние што со години го носат дресот на Македонија. Попаметно, поинтелигентно и спортски е стручниот штаб да одреди кои се нашите цели и како да се стигне до нив. Нашата цел не е да победиме на три натпревари, нашата цел е да се пласираме на Олимписките игри макар и со две победи. Кои ќе бидат тие два меча, останува да одлучи стручниот штаб. Дали тоа ќе бидат првите два натпревара или вториот и третиот, тоа е оценка на селекторот Обрван и на неговите помошници, меѓутоа мора да се има цел и да се знае каде одиме и што бараме. Ако тргнеме безглаво како пред четири години во Шведска, каде што настапивме на првите квалификации за олимпијада, нема да направиме ништо. Имаме искуство повеќе и се надевам дека ќе ја израдуваме целата јавност и сите оние што стојат зад нас и што нѐ поддржуваат од првиот ден.

 

Имаат ли селекторот и стручниот штаб цел или некакви калкулации? Работевте ли на тренинг посебни подготовки за противниците?

Ристовски: Подготовките поминаа во одлична атмосфера. Секако дека ги следевме противниците и гледавме видеа од нив. Се правеа посебни тактики за сите во сите сегменти од играта. Се наѕираа плановите кои, секако, ќе ни ги соопштат пред почетокот на првиот натпревар и тоа против домаќинот Полска. Ростерот на играчи е познат, добро е што има неколку млади играчи кои ќе помогнат во ротацијата и ќе донесат свежина, агилност, издржливост и што многу лесно можат да се вклопат во онаа наша игра која на овие три натпревари мора да ја доведеме до совршенство.

Borko-Ristovski-sport188-2

За крај, од неодамна е обелоденето дека од следната сезона ќе го носиш дресот на каталонскиот и европски гигант, Барселона. Како ти го сфаќаш играњето за, можеби, најдобриот клуб во моментов во светот?

Ристовски: Сега настапувам за Рајн-Некар Левен, кој според мене е еден од најдобрите пет клуба во Европа. Се надеваме и се стремиме кон двојната круна во Германија. Воопшто не е мала работа да си шампион и освојувач на купот во најсилната лига во светот. Имам одлична соработка и играчите, стручниот штаб, раководството, навивачите и сите инволвирани во клубот супер ме прифатија.

Сепак, точно е дека од следната сезона ќе настапувам за Барселона. Сѐ уште не е официјално соопштено бидејќи треба да поминам некои формалности со каталонскиот гигант. Ова го немам соопштено досега, јас веќе двапати ја одбив Барселона во текот на преговорите затоа што навистина се чувствувам добро во Рајн-Некар. Меѓутоа, кога по две завршени неуспешни преговори со Барса ќе дојдат пак со уште посилен интерес и со нова понуда, тоа за мене кажува дека сум успеал во својата работа и во својата кариера и тоа беше доволен знак за да ја променам својата одлука и да ја прифатам нивната крајна понуда.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Иванов­ски
(Интервјуто со Борко Ристовски е објавено во 188. број на неделникот Република, 8.04.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top