| четврток, 6 декември 2018 |

Волф Ошлис и Ана Багрјана – гости на „Македоника литера“ на Саемот на книга

На претстојниот меѓународен саем на книгата во Скопје, гости на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ќе бидат Волф Ошлис од Германија – македонист, публицист, преведувач и политички аналитичар и Ана Багрјана од Украина – писателка и преведувачка.

Проф. д-р Волф Ошлис на штандот на „Македоника“ (на 14 април) ќе има средба со читателите и пријателите, при што ќе ја потпишува својата книга „Гермакедонија (студии за македонско-германската заемност низ вековите), која ја објави Македоника, а за која авторот е награден со државната награда за публицистика „Мито Хаџи Василев Јасмин“. Проф. д-р Ошлис е автор и на преводот на германски јазик на книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“, исто така издание на Македоника.

На 16 април на штандот на Македоника литера ќе биде промовирана книгата за деца „Приказни од скопскиот парк“ на Ана Багрјана, во присуство на авторката, а книгата излегува токму за овој саем на книгата. Книгата, која е илустрирана од самата авторка, содржи раскази за деца напишани за време на неодамнешното привремено живеење на авторката во Скопје. Таа е и книжевен преведувач и досега на украински јазик превела неколку дела од македонски автори.

За време на саемот, на штандот на Македоника свои термини за средба со читателите и за потпишување на своите книги ќе имаат и македонските писатели Киро Донев и Владимир Плавевски.

Киро Донев, меѓу шесте негови книги, издадени од Македоника литера, ќе ја потпишува и пред читателите ќе ја промовира штотуку објавената книга со пиески за деца „Училиштен театар“.

Владимир Плавевски, меѓу своите книги – изданија на Македоника литера, ќе го потпишува и својот најнов роман „Комита“.

Инаку, на штандот на Македоника литера ќе бидат изложени и понудени за продажба педесетина книги објавени меѓу двата саема. Со попуст ќе се продаваат над триста изданија, а постарите изданија и со попуст до 66 отсто.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top