| четврток, 6 декември 2018 |

Германците продолжуваат да изненадуваат

Германската компанија за производство на луксузни автомобили „Ауди“, официјално го претстави својот нов урбан теренец „Ес-Ку-7 ТДИ“ (SQ7 TDI), кој со своите 435 коњски сили во овој момент е најсилниот дизелски модел во својата класа во светот

За титулата најсилен урбан теренец на светот е заслужен новоразвиениот четирилитарски дизелски агрегат ТДИ со осумцилиндричен електрокомпресор ЕПЦ, кој испорачува сила од 435 коњски сили и најголем вртежен момент од неверојатни 900 њутн-метри, и тие во овој случај се достапни веќе при 1000 вртежи во минута.

Споменатите бројки за карактеристиките на моторот се доволни моделот „Ес-Ку-7 ТДИ“ да забрза до 100 километри на час за само 4,8 секунди и да развие максимална брзина која е електронски ограничена на 250 километри на час.

Покрај извонредните перформанси, од „Ауди“ потенцираат дека новиот мотор може да се пофали со потрошувачката на гориво која е на ниво на послабите мотори со шест цилиндри. Таа изнесува само 7,4 литри за изминати 100 километри, а просечната емисија штетни гасови изнесува 194 грама за еден изминат километар.

audi-SQ7-TDI-004-copy

Електрокомпресорот својата улога ја извршува уште на самиот почеток на придвижувањето и во режим на ниски вртежи на моторот, со цел да се елиминира фамозната зона на турбо празнина.

Инженерите од Инголштад за овој модел на „Ауди“ го калибрираа осумстепениот автоматски менувач за кој тврдат дека од еден во друг степен на пренос е потребно многу помалку време измерено во милисекунди. Силата на агрегатот се пренесува на двете оски, а „Ес-Ку-7 ТДИ“ стандардно ќе се испорачува со 20-инчни алуминиумски бандажи, а во опција се и 22-инчни бандажи кои можат да се добијат со доплата.

За љубителите на поагресивното возење предвиден е и пакет „драјвинг динамикс“, во кој се вградени спортски диференцијал, електромеханички активни стабилизатори и можност управување преку двете оски,. ЛЕД-светилките спаѓаат во стандардната опрема, а за купувачите што сакаат дополнителна видливост се предвидени и ЛЕД-светилки „матрикс“.

audi-SQ7-TDI-002-copy

Најсилниот урбан теренец на светот, исто така, е и најлесен во својата класа. На купувачите ќе им се нуди со пет и со седум седишта. Продажбата е предвидена да започне во Германија на почетокот од пролетта. Основната верзија ќе се продава за приближно 90.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top