Почна првиот NASA Space App Challenge во Македонија. Во следните 48 часа програмери, инженери, научници, студенти, експерти, професори и ентузијасти од Македонија и светот групно ќе работат на десетина различни предизвици за изнаоѓање на хардверски и софтверски корисни решенија за глобалните потреби на земјата.
Настанот кој се одржува во Seavus едукативниот и развоен центар го отвори координаторот на проектот во Македонија кој ги охрабри учесниците да веруваат во себе.
“Драги учесници, тука сте за да си покажете себеси, а и на светот дека вашиот труд вреди, дека вашите знаења и талент се рамни на оние кои го однеле човекот до Месечината, вселенските ровери на Марс, а Војаџер 1 до границите на сончевиот систем. Бидете сигурни во тоа што ќе го работите, и верувајте им на својата креативност, способности, можности, талент и знаење”, изјави Војдан Јорданов координатор на проектот.
Директорката на Seavus едукативниот центар во кој и се одржува настанот во своето обраќање до присутните нагласи дека клучни зборови со кои може да се опише настанот се нови идеи, иновативнот и соработка.
“Верувам дека повеќето од Вас кога мислат на иновации мислат на одбрани луѓе кои работат во специјални услови и по однапред дефинирани процедури. Но Ве уверувам дека иновативноста не е резервирана само за специјални луѓе поставени на специјални места. За уникатни и значајни идеи потребна е помалку хаотична околина каде луѓе со различна позадина и искуство, од различни возрасни групи па дури и континенти, ќе дојдат во интеракција, каде ќе имаат можност за споделување на размислувања, искуства, грешки, недооформени идеи… кои кога ќе се поврзат ќе резултираат во нешто многу поголемо. Токму можност за вакво нешто имате Вие во следните 48 часа”, изјави Ирена Чаушевска, директор на Seavus едукативен и развоен центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


