| четврток, 6 декември 2018 |

Заев не сака одредување датум за избори затоа што знае дека ќе ги загуби

zaev-kol170-1

Денеска е последниот работен ден за пратениците во македонското Собрание, со оглед на фактот што стапува на сила одлуката, која на 18 јануари беше изгласана со одложено дејство, за да важи од 24 февруари, односно 60 дена по датумот договрен за избори. Вонредни парламентарни избори на 24 април е исполнување на Договорот од Пржино, на кој се потпишаа четирите најголеми политички партии.

Одлуката може да се промени единствено ако 20 пратеници побараат таква точка на дневен ред, во која би бил предложен и нов датум за одржување избори, а новиот предлог треба да добие поддршка од 61 пратеници. До затворањето на весникот вчера во Собранието никој не побарал повлекување на одлуката за избори. Ако и во наредниве неколку часа не се побара тоа, парламентот ќе се распушти в среда и нема да може да заседава, освен ако не се прогласи вонредна или воена состојба.

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ засега имаат одлука да има избори на 24 април, истакна Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија, со висок степен на демократија, внатрешна демократија, во органите и телата на партијата. Во овој момент одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и одлуката на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е за избори на 24 април – рече Тодоров.

Во исто време во јавноста се шпекулира и можност четирите партии со консензус да ја променат одлуката за распуштање на Собранието, па во наредниот период повторно да се усогласуваат условите за одржување на изборите, со што се поизвесно е дека партиите повторно ќе водат преговори преку работни групи, за да се оформи нов изборен датум.

За да се случи ова, потребни се одлуки во Собранието. Имено, во изборниот законик веќе фигурира 24 април како изборен датум, па треба и негова измена. Исто така, потребна би била и Одлука за укинување на распуштањето на Собранието, за која ќе треба да се свика итна седница во законодавниот дом.
Евентуалното пропаѓање на Договорот од Пржино ќе отвори безброј нови прашања, со оглед на фактот што Државната изборна комисија, чијшто претседател е близок до СДСМ, тврди дека нема услови за фер избори на 24 април, потоа министерски промени во МВР и труд и социјална политика каде што се кадри од СДСМ, како и укинување на дополнителните заменички места во финансии, земјоделство и администрација и информатичко општество. Под знак прашалник се доведува и Специјалното јавно обвинителство. Најголемата опозициската парија постојано го оспорува прочистувањето на избирачкиот список, а клучните институции надлежни за избирачкиот список, Министерството за внатрешни работи и Државна изборна Комисија се предводени токму од СДСМ.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев уште еднаш нагласи дека се неопходни избори што поскоро, избори без фантомски гласачи и со слободни медиуми, а во својата изјава се закани дека инсистирањето на избори ќе ја втурне земјата во криза со несогледливи последици.

– Фер избори на 24 април не може и нема да има. Во Македонија мора да има фер и кристално чисти избори со слободно изразена волја на граѓаните. Потврдени избори од меѓународната заедница – рече тој.
Лидерот на СДСМ во одговор на новинарско прашање дали опозицијата ќе поведе иницијатива во парламентот за повлекување на одлуката за распуштање на Собранието, посочи дека партиите што покренаа иницијатива за распуштање на парламентот и за прогласување избори се тие што сега треба да поднесат иницијатива за повлекување на таа одлука.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е точно дека не постојат услови за фер и за демократски избори, туку дека е точно само дека не постои подготвеност на СДСМ да излезе на избори, затоа што е свесна дека ќе ги загуби бидејќи ја нема поддршката од народот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите состојби може да ја воведат земјата во нови проблеми и место кон излез од кризата да ја однесат кон нејзино продлабочување, спротивно од тоа што го очекуваат граѓаните и од политичките фактори во земјава и од меѓународната заедница.

„СДСМ е единствената опозиција што се гордее дека измолила негативен извештај кај меѓународните претставници со кој би го аргументирала бегството и стравот од соочување со граѓаните на избори. СДСМ никогаш не дошла на власт со програма и проекти и знаат дека не можат да го направат тоа. Единствениот начин што им преостанува е преку деструкција, подметнувања и оцрнувања на сопствената земја и институции што е можно подолго, технички да останат во Владата“, се вели во соопштението.

Претставниците на САД и на ЕУ не презентираа ниту еден сериозен и веродостоен аргумент во прилог на тезата за неподготвеноста на Македонија за избори со што е јасно дека станува збор за процена базирана на политичка одлука, а не факти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според експертите, оваа изјава на Заев јасно говори дека СДСМ не сака избори ни во април, ни во јуни, ниту во септември.

Експертската јавност многу пати досега коментираше дека евентуалното одложување на изборите е посакувана цел за СДСМ поради нивниот страв од народот.

Свесни дека ја немаат поддршката од граѓаните и дека на изборите ќе доживеат нов пораз, што покажуваат и анкетите, на СДСМ единствено му остана да го спроведува своето деструктивно сценарио и земјата да ја воведе во уште подлабока криза.

Резултатите од последната анкета на престижниот американски Интернационален републикански институт „Брима галуп“ покажуваат дека СДСМ се соочува со слаб рејтинг и недоверба кај граѓаните.

Огромна поддршка и повеќе од двојна предност има ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, односно доколку следната недела се одржат нови парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 36,8 проценти, а за СДСМ повеќе од двапати помалку, односно 15,7 проценти.

anketa1-3

Речиси петпати повеќе, односно 56,6 проценти од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ би победила доколку се организираат предвремени парламентарни избори на кој би учествувале сите партии, а само 12,4 проценти сметаат дека тоа е СДСМ.

anketa3-1

Свесен од недовербата што ја ужива кај граѓаните, Заев продолжува со кризата поради која страда економијата. Со спроведување на неговото црно сценарио Заев посакува освен политичка и економска криза која би резултирала со помалку вработувања, застој во земјоделието, во индустриското производство и со сите проекти од кои граѓаните имаат корист.

Дека со СДСМ македонската економија нема да напредуваат мислат и граѓаните. Според нив убедливо ВМРО-ДПМНЕ е партијата со која државава економски ќе оди напред. Дури 50,8 проценти од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ економски ќе ја води подобро државата напред наспроти, 20,1 проценти, кои сметаат дека тоа е СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top