Цената на нафтата продолжува да паѓа достигнувајќи го најниското ниво во последниве 12 години, но тоа многу малку или воопшто не се одразува врз намалување на трошоците за живот и врз подобрување на семејниот буџет. Иако статистика регистрирала дека во декември минатата година за помалку од еден процент се намалиле трошоците за живот во споредба со декември 2014 година, граѓаните тоа речиси не го чувствуваат. Цените на производите немаат претрпено надолни корекции, а и цените на горивата се минимално паднати. Македонија официјално е во дефлација, односно во состојба на пад на цените, а за тоа, барем според статистика, најмногу придонесува падот на цената на храната. И додека граѓаните врз својот џеб не го чувствуваат драстично поевтинувањето и имаат впечаток дека од година во година трошат сѐ повеќе и повеќе пари за намирување на елементарните потреби, трговците убедуваат дека во малопродажба цените постојано паѓаат. Според нив, влијание врз континуираниот пад на цените има падот на цената на горивата, но и поевтиниот увоз на некои производи. Тврдат дека 2015 година била година на постојано намалување на цените, а трендот продолжува и годинава. Сепак, тие не го негираат фактот дека поевтинувањето е најзабележливо преку акциските продажби на производите.
– Можеби нема одреден пад на цените ако се анализираат по производи и групи, иако е јасно дека, особено минатата година, преку акциските продажби е постигнат значаен ефект на поевтинување. Фирмите што имаат и сопствено производство и застапништво во минатата година од партнерите добиваа попусти на некои производи, плус бенефиции. Тоа овозможи постојано да нудат и гратис производи и гратис грамажа и на храната и на козметиката. Притоа не станува збор за производи со краток рок на траење, туку за такви што се продаваат и во редовна продажба. За тоа се сведоци и граѓаните и мислиме дека, генерално, трошоците во маркетите не се зголемуваат – велат трговците.

И додека кај храната се регистрирани одредени поевтинувања, кај некои производи се забележани и поскапувања. Анализите меѓу трговците покажуваат дека поголем дел од производите сега ги нудат поевтино. Сепак, потврдуваат и дека некои производи и услуги поскапуваат, па кога на крајот сѐ ќе се измери и премери, за семејниот буџет, практично, нема разлика во трошоците или, можеби, дури и се зголемуваат.
– Немам чувство дека производите во малопродажба поевтинуваат. Сѐ е скапо. Ги вртам сите маркети во градов за да начекам нешто на промоција и акција, па така успевам да спасам некој денар. Ама и тоа оди на некои производи и услуги, чиишто цени се зголемени. Значи, сѐ на сѐ, јас не гледам дека цените се намалени, иако горивата секоја недела поевтинуваат. Според тоа што се случува на светско ниво, дури и поевтинувањето на енергентите не е реално, односно нивната цена треба да падне многу повеќе од сегашните цени – вели скопјанецот Атанас Велевски.
Предвидувањата на Народна банка за годинава се дека ќе имаме инфлација од 1,5 процент по остварената нулта стапка во 2015 година. Сепак, последните показатели укажувале дека таа стапка, најверојатно, ќе биде пониска.
– Имајќи ги предвид промените во очекуваните патеки на движењата за 2016 година, ризиците во поглед на проектираното движење на домашните цени во 2016 година се, главно, надолни. Сепак, треба да се нагласи дека постои голема неизвесност околу проектираното движење на светските цени на нафтата, имајќи предвид дека движењето на овие цени понекогаш е условено и од фактори од привремен карактер – посочуваат од Централната банка.
Поголем пад се очекува кај цената на металите. Хроничната состојба на висока понуда и на недоволна побарувачка, најверојатно, ќе придонесе за дополнително поевтинување на никелот и на бакарот и во 2016 година. Се очекува мало поскапување дури в година. Ново поевтинување на светскиот пазар ќе има и кај цените на пченицата и на пченката.
Од друга страна, климатските промени предизвикуваат суши и поплави, кои, пак, влијаат врз неизвесноста на цените на храната и нивна зависност од понудата и од побарувачката, а со оглед на тоа дека најголем дел од домашните финансии се одлеваат за храна, не може да се предвиди како понатаму ќе се движат цените. И од НБМ велат дека, сепак, треба да се има предвид дека очекувањата за цените на овие примарни производи се исклучително променливи, што создава неизвесност за процената на нивната идна динамика и ефектите врз домашната економија, особено на подолг рок.
Стручњаците се едногласни дека временските непогоди предизвикуваат секоја година да се намалува производството на храна.
– Поплавите и сушите станаа наша реалност, која секоја година го зема својот данок со помало производство на храна. Тоа, пак, влијае врз нејзината понуда и цена, за која е малку веројатно дека ќе се намалува. Помалата понуда и зголемената побарувачка за храна е наша иднина која се одразува и врз економиите на земјите што произведуваат, но и на тие што увезуваат храна. Факт е дека времето на евтина храна заврши – тврдат агроекономистите.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 177. број на неделникот „Република“, 22.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


