Турскиот театар – Скопје денеска ја промовира монографијата „Со сигурни чекори до целта“, во рамки на одбележувањето 65 години од основањето.
Директорот на Турскиот театар – Скопје Атила Клинче, на денешната промоција рече дека монографијата е продолжение на првата книга промовирана по повод 60 години на Турскиот театар, која е единствена институција на Балканот и во Европа што продуцира свои претстави на свој мајчин јазик и веќе 65 години постои на македонската сцена и успешно работи.
– Со одбележување на својата годишнина, театарот започна на 28 јануари со претставата „Сон на летната ноќ“, потоа со претставата „Прометеј“ и премиерата на Охридско лето на „Слуга на двајца господари“, а утревечер ќе биде премиерно изведена „Генерална проба за самоубиство“ од Душан Ковачевиќ во режија на Билге Емин, со која се заокружува прославата – нагласи Клинче.
Монографијата „Со сигурни чекори до целта“, додаде Клинче, е сублимат на активностите на Турскиот театар во последните пет години од 2010 до 2015 година и изобилува со фотографии за ансамблот, а е финансирана од Министерството за култура.
Министерката за култура Елизабета Канчева-Милевска на промоцијата истакна дека монографијата и посебно нејзиниот наслов „Со сигурни чекори до целта“ остава силен впечаток, но претставува еден убав повод да се осврнеме на придонесот на сите доајени и сегашни актери и режисери на Турскиот театар, на сите убави моменти, на сите значајни настани кои го одбележаа шестдецениското постоење на овој ансамбл.
– Монографијата на еден симболичен начин ни го опишува патот што уметниците на овој театар го поминаа до посакуваната цел. Ни ја пренесува вербата, трудот, љубовта, посветеноста и константното надградување на овој ансамбал кој целиот свој професионален век го вложи во градењето на реномето на оваа наша значајна институција – рече Канчева-Милевска, додавајќи дека Турскиот театар е несомнено потврда дека културата на една држава во многу нешта зависи во почитувањето и афирмацијата на културните различности кои опстојуваат на нејзиниот простор.
Промоторот на монографијата Лилјана Мазова нагласи дека во книгата на 320 страници е распространа меморијата на Турскиот театар, со акцент на последните пет години и содржи 136 фотографии од претстави и 93 фотографии од новиот театар, од гостувања, награди и признанија на ансамблот.
– Во неа 18 автори пишуваат за своите искуства, за својата љубов и за чувството на професионален однос и работа, но и желба да ја продолжат таа соработка со Турскиот театар – истакна Мазова, додавајќи дека изминатите пет години се направени 17 претстави кои гостувале 54 пати надвор од својата сцена и освоиле 14 награди дома и надвор.
Турскиот театар е формиран на 9 јули 1950 и прва премиера му била „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Абдуш Хусеин, а наскоро ќе добие и нов објект кој се гради во близина на Железничката станица, на површина од 2.600 квадратни метри.
Промовирањето на монографијата за континуираниот развој на оваа национална установа во изминатите шест и пол децении е организирано на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, кој е национален празник на турската заедница во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


