Швајцарскиот тенисер Станисас Вавринка ја направи клучната победа во групната фаза од завршниот мастерс турнир оваа сезона во Лондон победувајќи го домашниот тенисер Енди Мареј со 2-0 (7-6, 6-4) во сетови и закажа меч во полуфиналето против својот сонародник Роџер Федерер.
Во вчерашниот последен натпревар од групата Б кој директно одлучуваше за пласман во следната рунда, Вавринка не потклекна пред домашната публика на Мареј и во крајно неизвесен натпревар полн со драматични моменти ја задржа концетрацијата и заслужено се пласираше во полуфиналето.
Првиот сет отиде во тај-брејк, а Мареј имаше предност од 4-2, но потоа загуби пет поени по ред со кои Вавринка го комплетираше во своја корист.
Во вториот сет, Вавринка имаше предност од 5-2 во гемови, Мареј се врати до 5-4 и имаше две брејк топки за да израмни на 5-5, но не успеа да ги искористи. На крајот Вавринка го доби овој сет со 6-4 и се пласираше во полуфиналето на завршниот мастерс турнир во Лондон.
Во второто полуфинале кое е вистинска класика и можност за уживање ќе се сретнат Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



