| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе им се суди на виновниците за смртта на Давид во затворот

Општината Макомб Kаунти во Мичиген и тамошниот шериф ќе треба на суд да докажуваат дека не се виновни за смртта на Македонецот Давид Стојчевски (32), кој почина во локалниот затвор во јуни лани, откако Окружниот суд во Детроит ја отфрлил нивната жалба на тужбата поднесена од семејството Стојчевски, пишува „Дневник“.

Македонците ја тужат општината за смрт од негрижа, бидејќи не му дозволиле на Давид да ги зема лековите со кои ја лекувал зависноста од хероин. Обвинети се и вработени во локалната медицинска фирма што обезбедува медицинска нега во затворот. Давид бил осуден на 30 дена затвор за неплатена казна од 772 долара за несовесно возење. Потписник на тужбата е Владимир, брат на Давид, кој исто така го тужи затворот за нехуман однос кон него додека двајцата биле во затворот.

Судијката Линда Паркер од Окружниот суд на Источен Мичиген во понеделникот ја објавила одлуката на судот во врска со предлогот на обвинетите да не биде прифатена тужбата од Стојчевски. Тие сметаат дека во тужбата не се точно наведени пропусти во затворскиот протокол, а се повикале и на имунитет што го уживаат раководителите на општината.

Судот, сепак, уважил дел од нивните барања, па списокот со обвинети е намален за дваесетина лица, главно заменици на шерифот. Судот отфрлил неколку точки од жалбата на Стојчевски и утврдил дека тужбата не може да биде заедничка, односно дека Владимир ќе треба да тужи во одвоена постапка. Одлуката на судијката Паркер за „Дневник“ ја потврдија од адвокатската канцеларија „ Ихрие и О`Брајан“, кои ги застапуваат Стојчевски.

– Можам да ја потврдам вашата информација дека судот донесе таква одлука. Судење ќе има. Судот дозволи целиот случај да тече низ истражувачки процес, кој ќе ни овозможи да откриеме многу повеќе факти од она што досега е изнесено во јавноста – изјави адвокатот Харолд Перакис.

Целиот текст може да го прочитате на „Дневник“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top