Од денеска до 15 април на 70 штанда и на околу 3.000 квадратни метри во „Метрополис арена“ се одржува 25. Саем на книгата во Скопје, на кој ќе биде претставена најновата книжевна продукција од домашни и странски издавачи.
Ќе има попусти, промоции, презентации, средби со писатели, предавања и панел-дискусии на годинашниот саем, на кој, освен издавачи од Македонија, ќе се претстават и издавачи од Србија, Албанија, Италија и од Шведска.

Најголемо писателско име на годинашниот Саем на книгата е Швеѓанецот Улф Старк, кој ќе одржи предавање на тема „Шведска детска литература“. Од странските писатели ќе бидат присутни и српските писатели Владислав Бајац, Душица Илин и Дејан Алексиќ, претседателот на Фондацијата „Балканика“, Николај Стојанов, и Kатја Ерменкова од Бугарија, Борислав Павловски од Хрватска, италијанскиот поет Фабијано Алборгети, директорот на словенечката издавачка куќа „Сање“, Рок Завратник. Некои од нив ќе учествуваат на панел-дискусијата „Европската литература – денес и утре“.
Издавачите најавуваат многу преводи и нови книги од домашни писатели. „Kултура“ ќе организира промоција на „Пишувајќи ги загубените топки“ од Фросина Пармаковска, како и презентација на италијанските изданија на „АЛМА Едизиони“. Зозе Мургоски ќе го промовира новиот енциклопедиски македонско-англиски речник, „Дијалог“ ќе ги промовира „Сестрата на Зигмунд Фројд“ и „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски и „Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски. „Хајмарк“ ќе ја претстави новата книга на Јасна Петков-Стојановиќ, „Или-Или“ ќе ги промовира „Тринаесеттиот месец“ од Александар Русјаков, „Бели заби“ од Зејди Смит, „Фотосинтеза“ од Игор Ангелков. „ПНВ публикации“ ќе ги промовира „Ќерката на надреалистот“ од Kристина Ехин, „Мртво море меѓу нас“ од Жељко Миловиќ и „Балкански син“ од Ерол Туфан. Издавачката куќа „Три“ ќе има повеќе од 300 наслови од домашната и од странската продукција со посебен акцент на домашните писатели. Од преводната литература, „Магор“, пак, ќе ги понуди делата на Патрик Зискинд, Kнут Хамсун, Владимир Набоков, Томас Ман, Саикаку Ихара. „Темплум“ на саемот ќе ја претстави новата едиција „Kвир сквер“. Нова едиција „Пинк“ ќе претстави и издавачката куќа „Ѓурѓа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


