Вкупно 54 анимирани филмови од 25 држави од светот ќе бидат прикажани на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс“, што од денеска до осми ноември ќе се одржува во Кинотека на Македонија, кино „Фросина“ и Младинскиот културен центар (МКЦ).
Под мотото „Пет години движење“, овој фестивал ќе го одбележи својот мал јубилеј.
На четирите фестивалски денови на „Анимакс“ ќе бидат прикажани 44 филмови за возрасни и осум филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените 427 анимации од 56 држави во светот, меѓу кои најголем број се од Франција – 47 филмови, Хрватска и Шпанија со по 38, Германија, Полска, Италија, Бразил, како и филмови од Ирак, Иран, Индија, Јужна Кореја, Тајван, Куба, Перу и др.
Фестивалот ќе биде отворен вечер во киното „Фросина“-МКЦ, со проекција на кратки анимирани филмови. Во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан и филмот „Манијајца: Освета на тврдоварениот“ на Золтан Миклоси и Атила Херко од Унгарија.
На последниот ден од фестивалот, на 8 ноември, ќе бидат доделени наградите „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена тула“, а за нив ќе одлучува интернационална жири-комисија во состав Марчин Лучај, програмер на Варшавскиот филмски фестивал, Берин Тузлиќ, аниматор од Босна и Херцеговина и македонскиот аниматор Иван Ивановски. Ќе биде доделена и „Златна тула“ за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови. За ова јубилејно издание градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски одлучи да додели специјална награда во рамки на фестивалот.
Првпат на „Анимакс“ во ревијалниот дел на програмата ќе бидат прикажани два долгометражни анимирани фимови, со што се прави обид да се отвори полето за нова натпреварувачка програма следната година и да се додели награда за најдобар долгометражен анимиран филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.