| четврток, 6 декември 2018 |

Кој ќе биде претседател на комисијата за настаните од 24 декември?

Повеќе од 15 дена траат консултациите за именување претседател на комисијата која треба да ги истражи настаните поврзани со 24 декември.

Според извори во работното тело, кое заседава речиси секој ден, досега се разгледани десетина предлози за претседател на комисијата во кое досега се знаат само предлозите на партиите.

Од СДСМ тоа се професорите Рената Треневска-Десковска и Љубомир Данаилов-Фрчковски додека претставници на ВМРО-ДПМНЕ во комисијата се пратениците Илија Димовски и Благородна Дулиќ.

Атмосферата во работното тело, според изворите на „Република“, е конструктивна, за дел од предлозите немало заеднички позитивни ставови, но за неколку од предлозите сите инволвирани се согласиле дека се прифатливи кандидати.

Сепак, до конечно решение сѐ уште не е дојдено поради тоа што дел од заеднички прифатливите кандидати за претседател на комисијата од објективни причини не можеле да ја прифатат понудата.

Според договорената процедура, работното тело го контактира кандидатот за претседател само доколку тој ги задоволува критериумите за избор и доколку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат позитивно мислење.

Според критериумите според кои работи работното тело за избор на претседател, кандидатите мора да имаат одлични познавања од правото и да имаат кредибилитет и почитување во јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top