| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележување на Светскиот ден на здравјето во Штип

По повод Светскиот ден на здравјето, невладините организации „Уметност на живеење“, „Арт лајф“, „Суна“ и „Банка за храна“ ве повикуваат на еден прекрасен настан што ќе се одржи в недела, на 7 април, со почеток во 17 часот, во Паркот на уметноста, до хотел „Оаза“ во Штип. Организаторите велат дека присутните ќе имаат можност да садат семки од даб, да се запознаат подетално како се одвива процесот на создавање и развивање на дрвото од една семка, да се дружат, забавуваат, да научат нешто повеќе за природата и за чување на здравјето, и колку нашето здравје зависи од чистата околина.

Целта на оваа акција е да ја потикне свеста кај децата од мали нозе за грижа и чување на природата, како и за поттикнување љубов за природата и негување на здравите навики.

– Сакаме да им понудиме на децата можност самите да засадат семка дрво, во саксија на која ќе стои нивното име. Секоја саксија ќе го носи името на детето и  во текот на целата година ќе може да го посетува и да следи како се одвива растот на дабот. Идејата е децата да видат дека процесот на растење и созревање е дел од еден животен циклус и дека дрвјата се непроценливо богатство за кое треба сите ние да се грижиме. Повеќе дрвја –  повеќе чист воздух – повеќе здравје! – истакнуваат организаторите.

Македонскиот даб е ендемски вид со посебни карактеристики и претставува вистинско природно богатсво. Името македонски даб го добива затоа што неговиот ареал е соодветен со територијата каде што со векови живее македонскиот народ.

„Велат дека дрвјата се белите дробови во природата, ве повикуваме сите заедно со здружени сили да придонесеме за Македонија да биде и да остане зелена и чиста.

 Загадувањето во Македонија, а воопшто и во светот, сѐ повеќе и повеќе се зголемува. Сведоци сме за низа природни катастрофи кои се случуваат, глобално затоплување, зголемување на обемот на озонската дупка, промена на климата и уште многу други нарушувања кои се јавуваат како резултат на сѐ поголемото загадување на воздухот и на животната средина. Како резултат на ова, пак, сѐ повеќе се зголемува бројот на заболени лица од најразлични болести, а причина за нивното појавување се токму овие загадувања. Најголем и единствен виновник за ваквата еколошка катастрофа која ѝ се случува на планетата Земја е човечкиот фактор. Ние не можеме да ѝ влијаеме на природата, но можеме да влијаеме на разбудување на свеста кај луѓето за заштита на животната средина и за намалување на загадувањето на воздухот. Се разбира, кога оваа свест ќе се разбуди уште од најраната возраст, таа останува засекогаш и на тој начин децата уште од мали нозе се стекнуваат со знаења како да бидат еко пријатели на околината“, стои во пропагадниот материјал на акцијата.

Покровител на настанот е производителот на водата „јана“, кој ќе донира вода за сите учесници и ќе одржи кратко предавање за важноста од консумирањето вода, како и за значењето на водата за здравјето на човекот.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top