Реалните шоуа во моментот се хит низ светот, но додека во САД, лулката на ваквиот тип емисии, се оди напред кон продукции кои покрај забавување на публиката, имаат за цел да направат нешто (како разни преобразби на луѓе, помош на заболени, преуредување или градење на нов дом, помош во бизнисот), овде сè уште се оди на најевтината варијанта. Тоа е една куќа, камери во секој ќош, неограничено јадење и пиење и луѓе на кои им се плаќа по некој ситнеж за секоја кавга, за секои разголени гради и за секој секс. Со колку повеќе, толку повесело.
Тоа е програма која се емитува неколку месеци и се храни од најниските страсти на публиката. Преку ноќ се создаваат „ѕвезди“, кои веднаш потоа се забораваат.

Вики и Кики
Сестрите Виолета и Кристина Ралеви од Скопје беа вистински хит во 2009 година на просторите. Вики беше првата Македонка што влезе во „Големиот брат“. Уште првата ноќ спиеше со 13 години постариот фризер Карло Загорац од Белград, сексуален чин што беше прикажан низ целиот регион. Кога беше исфрлена од куќата, на нејзино место влезе нејзината сестра близначка Кики, која остана до самиот крај на шоуто. Вики и Карло по шоуто останаа уште една година заедно, а фризерот едно време среќата си ја побара и во Скопје, работејќи во познатото фризерско студио „Ин“.
Денес ретко кој се сеќава на близначките од Скопје. Кристина се омажи во 2014 година, а не е познато што и како работи Вики.

Лестер и Цеце
Скопјанецот Никола Настевски – Лестер двапати се испроба на „Големиот брат“. Во 2011 година, тој го привлече вниманието на публиката со изведувањето на стриптиз во српската верзија на „Големиот брат“. Една година подоцна, тој победи во „Големиот брат“ – Бугарија, шоу што не беше прикажувано во Македонија.
Во ова шоу до самиот крај остана и манекенката Цеце Орешкова од Неготино, која подоцна изјави дека само за еден месец во Бугарија, станала поголема ѕвезда од шест години работа во Македонија.
Денес и двајцата работат како модели, Лестер во Дубаи, а Цеце низ Македонија.

Анета Наковска
Македонската фолкерка во „Големиот брат“ замина во 2013 година и остана запаметена само по туширањето кое беше прикажано на телевизија и каде без цензура беше прикажана гола. Неа не и одеше добро комуникацијата со останатите станари, повеќето од српско говорно подрачје и брзо ја напушти куќата.

„Операција триумф“
Шоуто имаше само една сезона и покрај огромната гледаност низ целиот регион. Иако главно беше шоу за потрага по таленти, концептот вклучуваше и следење на кандидатите во куќата во која беа сместени, додека тие се подготвуваат за следниот настап.
Шоуто немаше втора сезона, затоа што продукцијата сметаше дека организирањето концерт секоја недела е прескапо и дека најдобро би било да го исфрлат тој дел од шоуто.
Во истата куќа следната година се одржуваше „Големиот брат“.
Во моментот во „Големиот брат“ учествува и травестит од Тетово, а еден од српските кандидати, Кристијан Голубовиќ, треба да го напушти шоуто бидејќи му почнува затворската казна. Од неговиот тим бараат граѓаните да соберат 50.000 гласа за петиција тој да остане на слобода, барем додека заврши шоуто.

Жаре Бербер, Тони Зен, Александра Накова, Ана Стојановска и Пеце Котевски
Во четирите сезони на регионалното шоу „Преживеан“ главно беа изоставени секс-скандалите и сè што ги прати другите досега наведени шоуа. Оставени на остров да ги преживеат игрите на продукцијата, но и психолошките игри од останатите кандидати, учесниците беа најмногу фокусирани да се докажат пред себеси, да го совладаат гладот, нервозата од неспиењето и напорната работа.
Во првата сезона немаше македонски претставник, но затоа веќе во 2009 година, први претставници во ова шоу беа Пеце Котевски, полициски инспектор и билдер од Битола и актерката Ана Стојановска, кои не издржаа многу недели на островот на Филипините.
Во ВИП изданието на шоуто, во 2010 година, скопскиот рапер Тони Зен стигна до самото финале и за малку го изгуби првото место.
Во 2012 година, исто така во ВИП издание, Македонија ги испрати дотогаш не многу познатата Александра Накова, манекенка од Гевгелија и водителот и забавувач Жаре Бербер.

Драги Шпага
И Македонија имаше обид самостојно да создаде реални шоуа од овој тип и тоа уште во 2004 година. Тогаш победник на „Тоа сум јас“, шоу што се снимаше во куќа во Скопје, сличен формат на „Големиот брат“, беше Драги Шпага, познат лик од Скопје, кој бил дел и од неколку македонски порнофилмови.
Шоуто се прикажуваше на МТВ, а подоцна имаше обиди за негови варијации на други телевизии.

Христијан Тодоровски – Кико
Кога во 2013 година влезе во „Фарма“, Србите го најавуваа како македонскиот Џастин Џибер. Пејачот Христијан Тодоровски – Кико, кој некогаш се прослави во „Македонскиот идол“, кај нас ќе остане запаметен преку легендарното интервју за неговите „сексуални подвизи“ и неговата омилена поза – онаа на вклучена рингла. По две недели, тој беше исфрлен од реалното шоу.

Огромната популарност што ја доби за време на прикажувањето на „Операција триумф“, само месеци подоцна згасна, па српската натпреварувачка Милица Мајсторовиќ се обиде да си го одземе животот поради неуспешните обиди за музичка кариера.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 159. број на неделникот „Република“, 18.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Драма, пари и секс: Богатите Англичани снимија реално шоу на хрватскиот остров Хвар (видео)
-
Што ли ќе прават пред камери: Кумашинката на Заев и Спејко во реално шоу
-
Поранешна светска рекордерка и олимписка шампионка учествува гола во реалното шоу „Адам и Ева“ (видео)
-
Крвнички ќотек во реално шоу (ВИДЕО)


