Детето е малечко за вo градинка. Моето е веќе три години и не може да се навикне на градинка, ангажирав жена да го чува. Моето дете расте со баба. Ќерка ми ја оставам кај тетка ѝ, среќа сестра ми нема работа, па ми се наоѓа…
Ова се чести разговори меѓу младите родители. Стравот да се остави детето во градинка, советувањето од доктори да не се носи детето во градинка до три години, желбата да му се овозможат најдобри услови на најмилото ги тера родителите да бараат жени што ќе е грижат за нивните деца.
Местата за огласување се преполни со огласи од типот барам дадилка или чувам деца. Неодамна имаше еден оглас во кој критериумите за дадилката беа толку високи, што луѓето се мајтапеа со жената што го огласила. Но последниот случај со шеесет и едногодишната скопјанка што малтретираше деветмесечно дете покажува дека и не е толку едноставно да се најде жена што ќе го чува вашето дете. Покрај тоа, во вашиот дом прифаќате непозната личност за која никој не гарантира, а таа станува дел од вашето семејство.
Искуствата на родителите се различни – од незадоволни до презадоволни. Тргнувајќи од сопственото искуство, една мајка вели дека детето го доверувате на непозната личност и не знаете што се случува додека не сте дома.
– Мојот син го чуваше една жена од соседството. Жената беше дома, немаше работа, немаше ни деца. Живееше сама. Некако во муабет дојдовме до тоа таа да се грижи за него. Син ми се врза за жената многу повеќе од што беше врзан за неговите баби. Секогаш најаден, секогаш чист, секој ден научил по нешто ново. Минуваа годините и веќе не ни требаше дадилка. Но син ми продолжи да оди кај сосетката, да ја посетува, кога е болна да ѝ купува сѐ што ѝ треба. Дојде време кога тој се грижеше за неа. Еден ден жената нѐ напушти… Син ми многу тешко го поднесе нејзиното заминување… А по нејзината смрт увидовме дека таа, буквално, го доживувала како свое дете – ми го препиша станот во кој живееше – раскажува една 60-годишна скопјанка за искуството со дадилката што ѝ го чувала синот.
Има многу примери кога децата си ги бараат дадилките дури и за време на викендите, кога родителите се тука за да се грижат за нив. Но има и поинакви приказни…
– За детето се грижеше жена што ми беше со препорака од роднини. Се работеше за нивна роднина. Доаѓаше секој ден кога излегувавме за на работа и остануваше додека да се вратиме дома. Соседите во неколку наврати ме прашуваа која е жената што доаѓа, но, веројатно, никој не се осмели да ми каже што гледа секој ден. Еден ден случајно се вратив од работа. Бев вчудовидена… Жената оставила играчки на земја, детето само се занимава, а таа си тера бизнис во мојот стан. Пресметала дека ѝ е поисплатливо да чува деца и истовремено да се занимава со тоа што ѝ е професија, место да има салон и да плаќа кирија. Па така мојот стан си го претворила во фризерски салон. Ѝ доаѓале луѓе дома кај мене, тука им миела коса, тука ги стрижела, ги фенирала. Згора на сѐ, дел од храната што ја оставав за детето, си ја носела дома за нејзината внука… – вели една мајка што има негативно искуство со најмена дадилка.

Лиценците се само теорија, но не и практика
Искуствата се различни, очекувањата големи, одговорноста никаква… Закон има, ред нема. Според Законот за заштита на деца, секое физичко лице што сака да врши згрижување деца мора да има лиценца. Но од декември 2013 година, кога е донесен овој закон, до крајот на јули, не е издадена ниту една лиценца на физичко лице. Сите 3.667 лиценци се однесуваат на лица од установи и од агенции за чување деца.
– Со воведување на можноста физичко лице самостојно да врши одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца како професионална дејност со соодветна лиценца за работа, од физички лица што не се во работен однос во установи за деца досега ниедно не поднело барање за издавање решение за работа како физичко лице – велат од Министерството за труд и за социјална политика.
А, според Законот, за да се стигне до лиценца, пред сѐ е потребно лицето да има најмалку средно образование, да не му е одземено вршењето родителско право, да има општа и посебна здравствена способност, да не му е одземена или ограничена деловната способност, да не му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осудено за кривично дело за семејно насилство, одземање малолетно лице, негрижа или злоупотребување малолетно лице или родосквернавење, за кривично дело од групата дела против половата слобода, без оглед на изречената санкција, и кај кое во согласност со закон е утврдено дискриминаторско однесување. За полагање испит за лиценца лицето мора да достави лекарско уверение за здравствена состојба, психофизички да е здраво, како и потврди за неосудуваност и за неодземено вршење родителско право.
Покрај тоа, дадилката треба да склучи договор со родителите во кој се уредуваат времето, местото, начинот, видот и обемот на услугите што ги дава физичкото лице. Но, иако Законот предвидува казни за тие што нема да ги почитуваат законските регулативи, досега не се издадени лиценци. Глобата е од 100 до 150 евра за физичките лица што ќе чуваат деца без лиценца. Истата казна е предвидена и доколку дадилката малтретира и постапува нечовечки со деца.
Од Министерството велат дека досега не е казнета ниту една дадилка.
– Министерството за труд и за социјална политика не може да врши надзор над физички лица што чуваат деца во домашни услови, а немаат добиено решение за вршење на оваа работа или не се ангажирани преку агенција. Се врши надзор само над физичките лица што имаат добиено решение за вршење на оваа работа од страна на министерството, така што физичкото лице мора да води евиденција за дадени услуги и со кое лице има склучено договор. Во извештајот доставен до министерството точно е наведено каде ги даваат услугите, во кој период и на кое место. На тој начин инспекторите можат во секое време да направат увид за физичките лица што вршат згрижување деца во домашни услови – велат од Министерството за труд и за социјална политика.

Агенции има, ангажмани нема
Иако во земјава постојат агенции што даваат услуги и нега на деца од предучилишна возраст, родителите ретко ги користат нивните услуги.
– Во агенциите за згрижување лица има листа на физички лица што би давале услуга од дејноста згрижување и воспитание на деца, но двете агенции, колку што се регистрирани досега со решение, немаат склучено ниту еден договор со родители за згрижување деца – коментираат од Министерството.
Од агенциите велат дека досега немале проблеми со тие дадилки што се ангажирани преку нив. Сепак луѓето сѐ уште ја немаат навиката за чување деца да се обраќаат до агенции.
– Кога објавуваме оглас за работно ангажирање дадилки, бараме од лицето да ни приложи потврда дека не е осудувано, дека не му е одземено родителското право и задолжително да има дозвола за работа, лиценца издадена од Министерството за труд и за социјална политика. Нашата агенција работи според меѓународни стандарди и е обучена преку дополнителни интервјуа и тестирања да изврши дополнителна селекција на кандидатите. Се случува од 100 направени интервјуа да ангажираме само седум до осум лица – вели Сања Аризанова, управителка на скопска агенција за чување и за нега на деца од предучилишна возраст.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 159. број на неделникот „Република“, 18.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Им го подреди животот за 9.500 евра плата месечно: Еве како живее дадилката на идните кралеви!
-
Дадилка монструм малтретирала дете: Мајката забележала модринки, кога ја видела снимката со денови плачела (видео)
-
Нападната дадилка во Прилеп: Ја онесвестил, па врзал, а не украл ништо
-
Шокантна исповед на дадилка на милионер:Изгледаа како совршено семејство, но…


