| четврток, 6 декември 2018 |

Има повеќе невработени мажи од жени

Континуираното намалување на стапката на невработеност преку отворање нови работни места се должи на мерките за поттикнување на вработувањата кај домашните компании и на влезот на нови странски инвестиции. Сето тоа овозможило во вториот квартал од годинава, во споредба со првиот квартал, статистиката да покаже дека бројот на невработени се намалил за повеќе од 5.500 лица. Во однос на истото тримесечје минатата година, бројката  на невработени се намалила за 13.729 лица

За петнаесет години стапката на невработеност е намалена за 11,9 проценти поени, односно од 2005 година досега се отворени речиси 200 илјади нови работни места. Ова го докажуваат последните официјални статистички податоци, според кои во вториот квартал од годинава стапката на невработеност се спуштила на историски 26,8 отсто, со тенденција за натамошно намалување. Колку за споредба, во 2005 година невработеноста изнесуваше рекордни 38,7 отсто. Континуираното намалување на стапката на невработеност преку отворање нови работни места се должи на мерките за поттикнување на вработувањата кај домашните компании и влезот на новите странски инвестиции. Во вториот квартал од годинава, во споредба со првиот квартал, статистиката покажува дека бројот на невработени се намалил за преку 5.500 лица. Во однос на истото тримесечје минатата година, бројката  на невработени се намалила за 13.729 лица. Во второто тримесечје од 2015 година, имало 956.174 лица активно население од кои вработени 699.578, а 256.596 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 57 отсто, стапката на вработеност е 41,7 отсто. Статистиката забележи дека имало повеќе невработени мажи, отколку жени.

Забележливо е опаѓање на стапката на невработеност кај сите старосни групи, но најмногу е изразена кај младите лица од 15 до 24-годишна возраст. Така кај оваа старосна група, во вториот квартал од годинава стапката на невработеност изнесува 46,3 отсто, што претставува намалување од 8,9 процентни поени, во споредба со вториот квартал лани, кога стапката на невработеност изнесуваше 55,2 отсто. Континуирано намалување на невработеноста се забележува и кај другите старосни групи. Кај тие од 25 до 49 години, како и кај постарите, од 50 до 64 години, стапката на невработеност е намалена за половина процентен поен. Најголем процент на вработеност, традиционално, има во преработувачката индустрија, земјоделството, трговијата и во финансиските дејности.

Континуираното намалување на невработеноста е долгорочен процес, кој во последните неколку години се должи на повеќе мерки и активности што ги воведе Владата.

 

Намалувањето на стапката на невработеност се должи на неколку фактори, меѓу кои, позначајни се следниве:

1
Ефективно спроведување на владините мерки за самовработување. Дадената шанса ја искористија поголем број порано невработени лица и со финансиската и друга помош од надлежните институции отворија свој личен или фамилијарен бизнис во кој најдоа работа и егзистенција.

2
Отворањето нови индустриски и слободни царински зони, како и засилените активности во порано отворените зони условија соодветно зголемување на бројот на вработени во тамошните капацитети и соодветно намалување на бројот на невработени во земјата.

3
И во услови на натамошни турбуленции во светската економија, македонската економија ја одразува својата кондиција на солидно ниво, со повеќемесечен непрекинат растеж, кој, нормално, предизвикува отворање соодветен број нови работни места, а со тоа и постепено намалување на стапката на невработеност во земјата
– вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

 

Владините активни мерки за вработување овозможија отворање работни места и помош за компаниите, како и за старт-ап бизнисот. Тие освен што придонесуваат невработените лица полесно да најдат вработување, исто така, им овозможуваат и да отворат сопствен бизнис преку мерката за самовработување, а компаниите истовремено се стимулираат да отворат нови работни места преку поволни кредити и грантови, со што истовремено го унапредуваат и сопствениот бизнис.

Проектот „Македонија вработува“, исто така, се покажа како вистински погодок за врабо­тување на сите старосни групи невработени лица. Така со мерките што се нудат преку овој проект, за само четири месеци се отворени 5.500 нови работни места.

Од друга страна, во отворањето нови работни места клучен придонес има привлекувањето нови странски инвестиции во земјава. Бројот на вработените во странските компании, кои се сместени во зоните, но и надвор од нив, континуирано расте. Само во оваа година е проектирана бројка од околу 5.000 реализирани вработувања во компаниите лоцирани во зоните.

Во истражување на реномираната консултантска куќа „Ернест и Јанг“ за новоотворени работни места од странски инвеститори, Македонија се најде во првите 15 држави, и тоа со најголем напредок. И ММФ прогнозираше дека за две до три години во зоните ќе се отворат повеќе од 30.000 нови работни места.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 159. број на неделникот „Република“, 18.09.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top